Изложба на макети во Дом на АРМ вечерва

Вечерва, во Домот на АРМ во 20 часот ќе биде отворена изложба на макети и диорами. Изложбата ќе трае до седми март кога ќе има свечено доделување на дипломи и признанија.

На неа ќе може да се видат макети и диорами на членовите на Макетарскиот клуб Скопје и од странски гости, а ќе има информации и околу самите макети и начинот на изработка.

Макетарскиот клуб Скопје е прв од овој вид во нашата држава, неговата основна цел е промоција на макетарското хоби како и подигнување на техничката култура.

На изложбата ќе учествуваат и Томислав Краљ, макетар од Хрватска, бродомоделарскиот клуб „Панон“ од Панчево, Србија, членови на макетарскиот клуб од Софија, Бугарија. Клубот како свои гости ги покани да учествуваат и Димитар Делев (фигури Warhammer 40k) и Симон Калајџиев (gundam модели).

Изложбата ќе ја отвори командантот на военото воздухопловство, полковникот Кире Колевски, а влезот е слободен.