Изложба на фотографии на студентите кои беа дел од „Патуваме во Европа“

Единаесет македонски студенти учествуваа во проектот „Патуваме во Европа“ со кој добија уникатна можност да ја истражуваат Европа и да ја промовираат својата земја. Ова патување е проект кој организацијата МОСТ го реализира од 2007 година во соработка со Роберт Бош Фондацијата од Германија.

Откако студентите се вратија, традиционално организираат изложба на која ќе ги раскажат своите доживувања преку фотографии и краток филм. Изложбата ќе се одржи во четврток (8 октомври), со почеток од 21 часот во кафе книжарницата „Децата од нашата улица“.

„Секоја година по завршувањето на проектот организираме изложба на фотографии од патувањето на студентите, преку кои се трудиме барем да доловиме дел од нивните импресии од Европа. Дополнително студените и преку есеи ни раскажуваат за своето патување, а за време на изложбата има и награда најдобриот есеј како и најдобрата фотографија“, вели Теодора Поповска од МОСТ за Радио МОФ.

Краткиот филм е подготвен од студентите и се однесува за почетокот на нивното патување, односно фестивалот во Берлин.

Имено, „Патуваме во Европа” е регионален проект, кој освен во Македонија се реализира и во останатите земји од Западен Балкан, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, како и Косово.

Поповска вели МОСТ настојува проектот да се спроведува секое лето, притоа проширувајќи ја бројката на учесниците. Досега повеќе од 130 студенти од Македонија биле дел од овој проект.