Изложба на Ана Ивановска во Берлин

Самостојната изложба „Славејќи ја бесконечноста“ на академската уметничка Ана Ивановска ќе биде отворена вечер во галерија Прима Центар во Берлин.

Ана Ивановска (1982) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство со насока конзервација и реставрација (2006). Во 2007 година го завршува Педагошкиот оддел, а во 2011 година ги завршува постдипломските студии на отсек сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Од 2006 година е член на Друштвото на ликовни уметници и е еден од основачите на уметничката група и простор Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. (2009 – 2011) и групата „Моми“ (2012). Реализирала повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и странство.

Таа ја доби годишната награда „Денес” за млад ликовен уметник од Центарот за современи уметности во 2008 година и наградата за вајарство доделена од Друштвото на ликовни уметници на Македонија на „Годишна изложба на ДЛУМ“ минатата година. Во 2013 година таа беше претставник од Република Македонија на интернационалниот натпревар на 7.Франкофонски игри во Ница.