„Излез“ повикува на „Креативна младинска акција“

„Излез“ повикува на „Креативна младинска акција“Студентската организација „Излез“, преку својот нов проект, „Креативна младинска акција“, ве повикува да се вклучите во шестмесечни работилници за да им се спротивставите на секојдневните општествени проблеми.

„Испратете порака и искажете став за прашањата што ве засегаат на креативен и автентичен начин одберете еден од петте медиуми преку кој можете да говорите најгласно: филм, фотографија, перформанс/театар, илустрации, креативно пишување. Потоа пополнете ја електронската апликација,“ објаснуваат од Излез

Задачата на секоја од петте групи ќе биде да лоцира проблеми што сака да ги претстави во јавноста и потоа да изработи креативен производ преку кој ќе изрази став, критика, порака.

Временската рамка од шест месеци опфаќа:

-еднодневен семинар за критичко мислење наменет за сите учесници;
-истражување на одреден проблем;
-запознавање со формите на изразување;
-работа со стручни лица, експерти во одредената област (уметници, креативни работници);
-предавања од страна на поединци, организации и активистички групи;
-вежби на кои учесниците ќе работат на своите првични креативни производи;
-јавен настан за претставување на првичните производи;
-работа на финален креативен производ со помош на професионалци, кој ќе биде претставен на завршниот настан;
-завршен настан: целодневна креативна акција.

Во текот на шесте месеци, секој учесник ќе има можност да научи што значат слободата на говорот и слободата на изразувањето, како да се идентификуваат проблемите во заедницата и како креативно да се запознае јавноста со изворот на проблемот, како да се зголеми свеста, како да се употребат традиционалните и новите медиуми како алатки за општествен активизам и како младите да се стекнат со самодоверба и со култура на проактивност и на граѓанско дејствување.

Адресата за контакт е kma@izlez.mk, а проектот е поддржан од УСАИД – Македонија и од ФООМ.