Изјавата за приходи го отежнува пристапот на граѓаните до здравствена заштита

Изјавата за приходи го отежнува пристапот на граѓаните до здравствена заштитаСо цел да се актуелизираат предизвиците со кои се соочуваат граѓаните во пристапот до правото на здравствено осигурување, здружението РОМА С.О.С. од Прилеп организираше јавна дискусија на тема „Здравствено осигурување за сите граѓани“.

Во фокусот на дискусијата беше обврската се поднесување Изјава за остварени приходи од лицата со пониски примања кои не се вработени, за да потврдат дека претходната година немале приход над 96.600 денари, што се прави секоја година на почетокот на март и е услов за добивање здравствено осигурување.

Присутните на дискусијата заклучија дека ова барање го отежнува пристапот на граѓаните до здравствена заштита и носи бројни проблеми. Побараа надлежните да ја почитуваат одлуката од Уставен Суд, со која се укина поднесувањето ваква Изјава за која Уставен укажа дека е надлежност само на државните институции.

„Имајќи ги во предвид честите измени и дополнувања на законската регулатива, невоедначената пракса во спроведување на законските прописи, несоодветното информирање на граѓаните за промените во постапката за остварување на правото, како и сложената административна процедура со која се наметнуваат дополнителни неуставни обврски за граѓаните да поднесуваат документација, континуирано се појавува одредена категорија на граѓани кои по различни основи се соочуваат со пречки во пристапот до правото на здравствено осигурување,“ истакна Несиме Салиоска, извршен директор на РОМА С.О.С.

Како што информираше Тања Тренкоска, правник од РОМА С.О.С., со последната измена на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување над 100 илјади осигуреници кои не успеале да поднесат Изјава се соочиле со потенцијален прекин на правото на здравствено осигурување во април 2013 годинава.

Според професорката по уставно право и политички систем Рената Десковска, ова е класичен пример на самоволие и непочитување на уставна одлука.

„Поразително е што по два месеци од одлуката на Уставен суд се носат измени во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување кои не се суштествени, туку се исти само со изменета термилогија. Тоа се нарекува „козметичка“ измена, односно повторно се воведува истата изјава само се додава делот“ во тековната година за остварени нето приходи во предходната година“. Со тоа обврската за граѓаните останува, а во ваква ситуација министерот кој предложил одредба со која не се почитува уставната одлука треба да сноси политичка одговорност, а за што очигледно нема намера“, вели Десковска.

Од канцеларијата на Народниот правобранител потврдија дека е констатирано е ненавремено постапување по барањата на граѓаните и по барањата и интервенциите на Народниот правобранител при проблемите со здравственото осигурување. Оттаму информираат дека е покрената постапка и им е укажано на надлежните институции за законската обврска за целосно спроведување на одлуката на Уставен суд.