Избрани 12-те финалисти за поетскиот фестивал „Литературни искри“

Центарот за култура „АСНОМ“ од Гостивар, кој го организира Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“, известува дека се избрани авторите на најдобрите творби пристигнати на овогодинешниот конкурс.

Финалисти кои влегуваат во конкуренција за фестивалските награди се: Симона Ристеска (Прилеп), Вања Изова Велева (Струмица), Лара Миховилович (Словенија), Кристина Мерклер (Гостивар), Ива Пуовиќ (СКОПЈЕ), Марина Јовановиќ (Србија), Соња Шијаков (Штип), Цветанка Колева (Кавадарци), Фросина Тасевска (Штип), Томислав Захов (Стар Дојран), Ирена Јурчева (Скопје) и Билјана Дејаноска (Гостивар).

Фестивалот доделува: Гран при, прва, втора и трета награда како и Награда за најдобар странски автор и Најуспешна млада искра. Наградите се состојат од плакети и книги.

Дел од поетите кои учествуваа на конкурсот, според бодувањето на жирито, ќе бидат застапени во заедничка збирка, која ќе се промовира на манифестацијата.

Изборот го направи жири комисијата во состав претседател: Вера Чорниј –Мешкова (поетеса, литературен критичар, член на ДПМ) и членовите: м-р Јанко Билбилоски (Советник во Биро за развој на образование, автор на книги) и м-р Луан Зенки (ликовен уметник, директор на НУЦК „АСНОМ“).

 

Четвртото издание на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар ќе се одржи на 20-ти мај со поетско читање на финалистите и соопштување на наградените.

Фестивалот се одржува во чест на 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители.