Избрана најдобрата пица во Европа – се вика „Светски шампион“ и се наоѓа во Париз

Во „војната“ на кулинарските култури Франција однесе важна победа. Најдобрата пица во Европа се прави во Париз. За утеха на Италијанците е дека зад неа сепак стои еден наполитанец, Ѓузепе „Пепе“ Кутаро.

Според изборот на специјализираниот сајт „50toppizza“, со седиште во Италија, најдобра пицерија за 2021 година е пицеријата „Пепе“ во Париз.

Наградата на жирито составено од искусните гастрономи Лучијано Пињатаро, Алберт Сапере и Барбара Гера, не дошла случајно. Ѓузепе во 2019 година на светското натпреварување за најдобра пица во Неапол го однесе првото место во категоријата најдобра современа пица.

Неговиот ресторан е отворен минатиот декември, тој претходно работел за компанијата „Биг Мама“, рестораните „Пополаре“, „Пинк Мама“ и „Мама Прими“. Се специјализирал за современи пици и рецепти, кои на традиционалната основа додаваат вкусови на новото време. Тоа го сведочи и победничката пица која тој едноставно ја нарекол „Светски шампион“ (champion du monde).

Фото: „50toppizza“

Пицата се состои од двогодишна парма шунка, која не е пресолена, а е натопена во сос од жолт домат, кој инаку е посладок од црвениот, потоа сирење провалон и моцарела ди буфала, печени бадеми и органски џем од смокви. Нормално тука е и тестото со кое овој мајстор-готвач е посебно опседнат.

Тој посветува посебно внимание на техниката на мешање на тестото, за кое користи специјално брашно Нувола, нарачано од посебен наполитански млин, но и за почитување на редоследот во мешање на состојките кое е посебна тајна. Неговите пици имаат големи крцкави рабови, а текстурата им е многу деликатна.

На натпреварот второто место го освои пицеријата „Виа Толедо“ од Виена, додека на третото место завшри „Фратели Фигурато“ од Мадрид.

Кога во прашање е нашиот регион во најдобрите 50 пици се најдоа љубљанската „Вераче“ на високото 35-то место, како и белградската пицерија „Мајстор и Маргарита“, на 43-тото место и загрепската пицерија „Франкос“, која е на 47-то место.