Итно да се изберат членови на Комисијата против дискриминација и нов Народен правобранител, побараа активистите

Собранието итно да ги започне постапките за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, но и постапките за избор на нов Народен правобранител, бараат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Оттаму посочуваат дека според член 45, став 1 од законот за спречување и заштита од дискриминација кој стапи на сила на 30 октомври, Собранието треба да го објави јавниот оглас за избор на членови на Комисијата во рок од 15 дена од влегувањето во сила на овој Закон.

„Согласно датумот на стапување во сила на Законот, вака предвидениот законски рок истече на 14.11.2020, а Собранието на Република Северна Македонија сѐ уште нема објавено јавен оглас за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација“, стои во соопштението на Мрежата.

„Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието во најкус можен рок да го спроведе изборот на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на транспарентен начин и водејќи сметка за квалитетот на избраните кандидати. Обврската составот на ова тело да го одразува составот на општеството во целина не смее да остане само декларативна, туку реална цел на Собранието бидејќи во спротивно ќе се компромитира целта на ова тело како гарант за еднаквоста на сите граѓани“, се додава во нивната реакција.

Оттаму потенцираат дека е потребно да се изберат професионални и независни кандидати кои на ниту еден начин не се поврзани со политичките партии.

„Притоа, етничката припадност не смее да биде единствен критериум, особено нејзиното тесно разбирање како распределба на позициите помеѓу Македонците и Албанците. Неопходно е да се води сметка за родовата еднаквост и да се вклучат претставници на маргинализираните заедници (Ромите, лицата со попреченост, ЛГБТИ и други)“, додаваат од Мрежата.

Исто така, од Мрежата посочуваат дека вториот мандат на актуелниот Народен правобранител Изет Меџети истекува на 24 декември, и додаваат дека според член 5, став 4 од законот за народен правобранител, Собранието има законска обврска да ја започна постапката за избор на Народниот правобранител и неговите заменици, три месеци пред истекот на нивниот мандат.

„Согласно датумот на истек на мандатот на актуелниот Народен правобранител, Собранието требало да ја започне постапката за избор на нов Народен правобранител и на негови заменици најдоцна до 24.9.2020, а Собранието сѐ уште нема објавено јавен оглас за избор на нов Народен правобранител. Собранието при изборот треба да води сметка идниот Народен правобранител да биде лице кое ќе ги надмине долгогодишните идентификувани проблеми на институцијата, а кои се однесуваат на недостатокот на рамномерна распределба на финансиски и човечки ресурси, степен на стручност и компетентност на значаен дел од кадарот на институцијата, јавно објавените меѓучовечки конфликти и мобинг во институцијата и пополнување на празните работни места согласно Правилникот за систематизација во стручната служба, во тимот на Националниот превентивен механизам, во посебните одделенија и во канцелариите на Народниот правобранител“, стои во нивното соопштение.

Во меѓувреме, од Мрежата додаваат дека новиот Народен правобранител мора да биде лице, кое, како што велат, ќе ја врати довербата на граѓаните во институцијата, но и ќе направи институцијата да ги исполни меѓународно пропишаните критериуми за национални институции за човекови права, како што се Париските принципи за национална институција за човекови права на ООН и Принципите за заштита и промоција на Омбудсманот на Венецијанската комисија.