Од иницијативата Шанса за Центар бараат да се преземе одговорност и да се покаже политичка волја за што побрзо воспоставување на сообраќајна безбедност на патиштата низ државата, а особено на градските улици во Скопје. Своето барање го упатија до премиерот и министрите на Владата, како и до Град Скопје.
Според нив, активирањето на автоматскиот систем со камери ќе ја олесни работата на полицијата, ќе ја зголеми сообраќајната дисциплина и култура, а со тоа ќе се зголеми и безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Покрај ова, сметаат дека на овој начин би се растеретил судскиот систем од администрирање на сообраќајни прекршоци, кои како што посочуваат од иницијативата, во голем дел остануваат без епилог или казни кои не се спроведени.
„Очекуваме одговорност, зрелост и конструктивност, поради безбедноста на сите граѓани. Бараме најитно да се активира автоматскиот систем за следење и казнување во сообраќајот во Скопје. Истовремено, бараме решенијата за зголемување на безбедноста во сообраќајот да ги третираат најранливите и нивните потреби, а проектите за нови сообраќајници да ја имаат безбедноста како носечка компонента вклучувајќи инфраструктурни бариери и успорувачи на брзини“, бараат од Шанса за Центар.
Очекуваат соработка со надлежните служби независно во чија надлежност се и апелираат дека нема да имаат разбирање за префрлање на надлежностите и одговорностите. Според нив, фактот што има жртви во сообраќајот е последица токму на неодговорното префрлање на надлежностите.
„Во духот на борбата против корупција и транспарентното управување кое очекуваме да биде врвен приоритет во државата, го бараме активирањето на автоматскиот систем за следење и казнување, со кој граѓаните ќе се чувствуваат правично дури и кога ќе бидат казнети, бидејќи ќе знаат дека системот не распознава моќ, врски и познанства“, велат од Шанса за Центар.
Нивното барање доаѓа по трагедијата во близина на трговскиот центар „Сити мол“ каде загина 25-годишна девојка, а едно лице беше повредено.
Поттикнати од овој случај реагираа и од неформалната група На точак, кои уште еднаш алармираа за намалување на дозволената брзина во градска средина. Според нив, Скопје освен булеварите треба да стане зона во која се вози 30 километри на час, а на булевар, велат тие, не смее да се вози повеќе од 50 километри на час.
„Возењето прилагодено на условите во населено место спасува животи, а брзината убива. Знаејќи го тој факт, ако некој свесно вози побрзо од дозволеното низ населено место, треба да одговара за убиство со умисла. Полицијата мора да се ангажира и да ги впрегне сите човечки и технолошки потенцијали да не постои еден некaзнет што надминал 50 km/h“, апелираат од На точак.
Тие укажуваат дека Градот мора да ги дизајнира булеварите со потесни ленти, максимум 3 метри, и помали радиуси на свртување кои одговараат на брзини до 50 km/h, а не на брзини до 90 km/h.
„Исто така може да употреби и мерки за смирување на сообраќајот соодветни за булевари. Исто така, мора да го изработи документот Визија Нула – стратешки документ за нула жртви во сообраќајот, за чија изработка гласаше Советот пред 1 месец. Општините под итно треба да ги прогласат сите свои улици за Зона 30. РСБСП и автошколите да се фокусираат со најризичните групи на возачи. А, обинителствата и судот да не ги третираат овие удари како несреќи!“, стои во реакцијата на На точак.
Оттаму појаснуваат дека порастот на брзината ја зголемува и шансата за фатален исход.
„Ако при брзини од 30 km/h, шансата за преживување е 90%, при 50 km/h, шансата за преживување е 60%, при 60 km/h се намалува на 20%, а веќе за брзини над 70 km/h, шансата за преживување на пешак е 0%“, се вели во реакцијата на неформалната група.