Истражување: Законот за работни односи не важи за новинарите во Источна Македонија

Новинарите во Источна Македонија работат за минимални плати, без можности за годишен одмор, без слободни денови во текот на неделата и во најголем дел од медиумите не се почитува законот за работни односи, покажува анализата објавена од Здружението на новинари на Македонија.

Истражувањето се фокусира на почитувањето на работните правата на новинарите во медиумите во Источна Македонија, а опфатени се околу 60 новинари од овој регион.

Бројките кои произлегоа од анализата се фрапантни. Дури 80% од новинарите земаат пониска плата од просечната плата во Р. Македонија, речиси 75% од испитаните новинари би ја замениле новинарската професија со друга. Македонската телевизија нема ниту еден ангажиран дописник новинар во целиот источен регион, додека Македонското радио има само тројца дописници.

Дел од истражувањето опфати и аспекти на новинарите и невладиниот сектор, односно што може граѓанскиот сектор да направи во насока на подобрување на состојбите со медиумите и новинарите и обратно – како новинарите можат да го поддржат и подобрат цивилниот сектор во земјата.

Анализа „Социо-економската положба на новинарите во Источна Македонија“ ја направи Здружението Младински клуб – Штип и новинарите Тони Михаилов, Игор Стојанов и Иван Бојаџиски, во рамките на проeктот „Мрежа на новинари за медиумските слободи“ на Здружението на новинарите на Македонија, поддржан од Европската Унија.