Истражување: Имаат ли Ромите подобро образование денес?

Фондацијата Отворено општество Македонија спроведе истражување меѓу Ромите во Македонија, со цел да го испита јавното мислење кај оваа етничка заедница во врска со напредокот на образованието. Истражувањето, кое може да се погледне и да се симне на овој линк, го спроведоа авторите: Емилија Симоска, Петар Атанасов, Калина Лечевска и Бојана Наумовска.

Истражувањето, базирано врз анкетно истражување и фокус-групи, е спроведено во октомври и ноември 2014 година. Истражувачките резултати им се наменети на сите засегнати страни – на креаторите на политики, на политичките претставници, на активистите од невладините организации, на образовните институции, на наставниците, родителите, на ромската заедница, но и на целата македонска јавност. Според ФООМ, овие наоди можат да дадат значаен придонес во креирањето на идните образовни политики, како и на сите идни напори за интеграција на Ромите во македонското општество.