Истражувачи од Харвард и МИТ создадоа маска за лице која преку здивот тестира за Ковид-19

Тим истражувачи од Харвард и МИТ создадоа биосензор кој може да се носи во вид на маска.

Корисниците дишат во нивните маски од 15 до 30 минути, притискаат копче на сензорот и во рок од 90 минути, резултатите од ковид тестот се појавуваат налик на тестот за бременост.

„За секоја личност што ја има оваа дијагностичка маска за лице, не само што спречувате ширење на вирусот, туку всушност посочувате дали го има или не релативно брзо“, вели ко-авторот Питер Нгуен, научник од Харвард.

За да го создадат сензорот, тимот ја извлече и замрзна молекуларната машинерија што ја користат клетките за да идентификуваат генетски материјал како ДНК и РНК. Таа информација делува како „отпечаток од прст“ за сензорот за идентификување на вирусот, појасни ко-авторот Луис Соенксен.

Сензорот се активира со притискање на копче, со што се ослободува мала количина на вода за да се рехидрираат компонентите што се сушат од замрзнување.

Истата технологија може да се користи за идентификување на друг патоген, како грип. Откривањето е толку прецизно што може да направи разлика дури и помеѓу варијантите на ковид.

Уште повеќе, дијагностичкиот систем може да се интегрира директно во ткаенина за да се заобиколи сензорот во целост. Соенксен рече дека технологијата може да се примени на бесконечни начини, од воени костуми што можат да детектираат штетни хемиски агенси до лабораториски наметки кои тестираат бактерии отпорни на лекови.

Создавањето на дијагностички уред во внатрешноста на маската за лице може да отстрани многу пречки за тестирање во реално време.

Уредот е исто така евтин – без да се води сметка за пакувањето, производството на прототипот чини пет долари, а крајниот производ може да се направи за уште помалку.

Тимот бара комерцијални партнери кои ќе помогнат во производството на сензорот. Но, дури и ако маските за лице со вградени сензори за вируси не се достапни за време на оваа пандемија, тие можат да помогнат да се запре следната.