Исмаил Кадаре ја доби наградата „Прозарт“ за 2020

Наградата „Прозарт“, која Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ му ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, оваа 2020 година му припадна на големиот албански писател Исмаил Кадаре.

Од „Прозарт“ му ја доделуваат наградата за, како што велат, неговиот импозантен повеќедецениски романсиерски и есеистички опус, кој редовно предизвикува највисоки одгласи кај европската и светската критика.

Поради неможноста фестивалот да се одржи во вообичаениот термин (крај на мај), лауреатот ја доби наградата, која се состои од статуетка и паричен дел, во неговиот дом во Париз.

Организаторите најавуваат дека 8. издание на фестивалот ќе се одржи наесен.

“Во прозното творештво на Кадаре се преплетуваат минатото и современоста, митот и иронијата, индивидуалното и колективното, пренесени на многу специфичен и карактеристичен стилски и јазичен идиом, кои го издвојуваат неговото дело во групата на современите светски великани на литературата. Со голема чест му ја доделуваме наградата „Прозарт“ на писателот кој ги одбележа втората половина на минатиот век и почетокот на новиот век со провокативноста и компактноста на неговите книжевни остварувањa, стои во образложението на одборот за доделување на наградата „Прозарт““, стои во соопштението за наградата.

Одборот на наградата го сочинуваат: Ермис Лафазановски, претседател, Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски, членови.

Кадаре е автор на повеќе светски познати книги, меѓу кои „Генералот на мртвата војска“, „Тврдина“, „Трострелниот мост“, „Пирамида“, „Наследникот“… Сите овие книги се различни во однос на тематиката, времето и просторот кои се обработуваат, но многу сродни во однос на етичките и стилски суштествени одлики на писмото на Кадаре.

Кадаре изрази благодарност за признанието, а во продолжение прочитајте го неговото обраќање:

„Се разбира дека ми е особено важно дека наградата „Прозарт“ ја велича литература од Балканот и сум почестен што влегувам во друштво на досегашните лауреати на ова признание. Читателите на моите дела може првично ме сметаат за албански писател, и тоа е прилично разумно. Тие можеби ме сметаат и за автор кој истражува извесни настани во историјата кои не се важни само за балканскиот регион – Шекспир, грчката трагедија, Втората светска војна, аферата Пастернак.

Можеби, сепак, само читателите на Балканот се тие што можат најдобро да проценат како моите дела комуницираат со прашања за регионалниот идентитет – историја, топографија и сл. Можеби, исто така, еден албански читател или кинески читател би почувствувал одредена врска со мојот роман „Концертот“ – кој го истражува, меѓу другото, ненадејното заладување на кинеско-албанските односи – нешто што австралиски или аргентински читател не може да го почувствува така, а истовремено тој албански и кинески читател можеби нема да го паметат периодот во кој се случиле настаните или дури и не биле родени во тоа време. Го кажувам сево ова за да нагласам дека наградата што ја слави литературата на Балканот е особено добредојдено признание од истакнати литературни творци и горд сум што можам да дадам придонес.

Можам да додадам дека литература на Балканот е глобална литература затоа што толку многу балкански автори, вклучувајќи ме и мене, се читаат од превод. Уште повеќе, нашите регионални прашања се глобални прашања – каде, на пример, завршува Европа? Не станува збор за прашање на кое литературата – од Балканот или која било друга – може да одговори дефинитивно, но е прашање на кое литературата и историјата се покажале фасцинантни.

За Виа Егнација пишував во романот „Трострелниот мост“, па литературата, како и мостот во романот, може да ги артикулира човечките амбиции и човечките слабости преку јазиците и низ времето.

Се надевам дека читателите ќе ја искористат можноста да нурнат во литературата во овие непријатни моменти.

Јас, во овој деликатен контекст на сегашното време, сум многу благодарен што сум повикан да ја прифатам оваа награда“.

Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ и годинава ќе се реализира со помош на: Делегацијата на ЕУ во Скопје, Министерството за култура, Град Скопје и Институтот „Јунус Емре“ од Скопје.