Ирак ја суспендираше лиценцата на „Ројтерс“ поради нивно истражување за бројот на заразени со коронавирус

Ирак ја суспендираше лиценцата за работење на новинската агенција „Ројтерс“, откако објави сторија во која се вели дека бројот на потврдени случаи на Ковид-19 во земјата е поголем отколку што било објавено официјално.

Регулаторот на ирачките медиуми соопшти дека ја одзема лиценцата на „Ројтерс“ за три месеци и го казни медиумот со 21.000 американски долари за, како што сооштуваат, прекршување на правилата за емитување на агенцијата.

Ројтерс соопшти дека жали за одлуката на ирачките власти и оти не ја повлекува сторијата, за која велат дека е заснована на повеќе, сигурни медицински и политички извори и целосно ја претставува позицијата на ирачкото Министерство за здравство.

„Ние сакаме да го решиме прашањето и работиме на тоа да обезбедиме и понатаму доверливи вести за Ирак“, се вели во соопштението на новинската агенција.

Прашан за суспензијата на „Ројтерс“ во интервју за Кристијан Аманпур за „Си-Ен-Ен“, ирачкиот претседател Бархам Салих рече дека станува збор за „жална одлука“ донесена од комисијата која е независна од владата.

„Од моја гледна точка, вие не би ме затекнале во ситуација да го бранам тоа. Работам со нашиот правен тим со цел да се отповика тоа и да се справиме со ситуацијата “, рече Салих.

Тој рече дека приказната на „Ројтерс“ предизвикала вознемиреност затоа што подразбира намерно фалсификување на записите од страна на владата, за што рече дека не било точно.

Во написот на „Ројтерс“, објавен на 2 април, се наведуваат тројца лекари вклучени во процесот на тестирање, службеник на Министерството за здравство и се вели дека Ирак има илјадници потврдени случаи на Ковид-19, или многу повеќе пати од 772 што јавно ги објавиле властите во тоа време.

Извештајот беше ажуриран на 2 април, вклучувајќи негирање од портпаролот на Министерството за здравство, испратено преку текстуална порака. Тој ги отфрли тврдењата на изворите за ширењето на болеста, опишувајќи ги како „неточни информации“.

Покрај тримесечната суспензија, „Ројтерс“ доби наредба да издаде и официјално извинување.

До денес, според официјалните бројки, во Ирак има 1,400 заразени со Ковид-19, вклучувајќи 78 смртни случаи.