[Интервју] „Ways2Help“: Луѓето што се спремни да помогнат имаат шанса да донираат

„Првичната цел на нашата платформа е да станеме ефикасен и ефективен посредник помеѓу организациите кои нудат помош и луѓето кои се подотвени да помогнат и направат промена. Генерирајќи ги потребите на социјално загрозените преку невладините организации, луѓето кои се спремни да помогнат ќе ја имаат шансата да донираат, волонтираат или да покријат режиски сметки на соодветно избрани семејства кои имаат потреба од финансиска поддршка“, велат дечките од платформата „Ways2Help“, победници на десеттиот „Startup Weekend Skopje-Covid 19 edition

Ways2help.us е замислена како платформа на која сите организации ќе можат да им помогнат на загрозените во кризата.

Сакаат да обединат и вмрежат компании, невладини, индивидуални што сакаат да помогат, без разлика дали е донација на храна, крв, облека, компјутер, одредена вештина или преку помош на семејство со исплата на сметка за струја, вода…

Радио МОФ поразговара со тимот составен од Ана Секуловска, Моника Ризовска, Марта Толевска, Дина Дамјановиќ и Ѓорѓе Богдановски. Тие нагласуваат дека транзицијата во државата остави несомнени траги врз целото опшество, а како држава во развој се уште се соочуваме со висок степен на невработеност и значителен број на социјално ранливи семејства.

„Нашето истажување започна тука, од живот кој кај народот е познат ‘од месец за месец’, па се до најранливите категории во нашето опшество, моменталата ситуација претставува предизвик за секој. Додека дел од малите бизниси се затвораа, дел од вработените беа принудени да ги напуштат своите работни места, но голем број се бореа за ново работно место кое се уште го немаат. Од друга страна ги имаме и семејставата кои спаѓаат во ранливите категории, кои беспомошно талкаат по решение, насока, помош“, нагласуваат од „Ways2Help“.

Оттука, тимот се свртил кон себеси и нивната желба да помогнат на било кој. Сфатиле дека, уште пред некој да се реши да донира, се соочува со неколку прашања за тоа кај кого да се обрати, што е потребно, кои организации нудат помош?

„Дури 30% од луѓето кои сакаат да помогнат не се ни свесни кои организации нудат помош и на кој начин, а останатите 70% дополнително истражуваат која е најдобрата опција, додека конечно не направат донација. На крај стигнуваме до посакуваната цел, но времето игра главна улога во решавање на проблемите. Затоа, решивме да работиме на олеснување на овој процес“, потенцираат тие.

Околу активностите што ги нудат, односно за сегментот за покривање на режиските трошоци, велат дека во план е да се оствари преку соработка со моменталните снабдувачи на електрична енергија. Тука ќе бидат дополнително генерирани кодови од ненаплатени сметки соодветно избрани од нивните партнер организации и социјалното претпријатие.

„Делот за донации е предвиден како огласник за помош од нашите партнер организации поделен во неколку секции, донација на крв, храна, облека, покуќнина и канцелариски матријали. Ние ги обезбедуваме информациите и каналот на комуникација понатаму процесот се одвива самостојно. Преку пополнување на форма составена од 3 чекори секој ќе ја има шансата да стане волонер и понатаму да биде исконтактиран од соодветна организација“, објаснува тимот на „Ways2Help“.

Ги вклучиле примарно најбараните услуги за: донирање на крв, снабдување со храна, санитарни производи, топла облека, опрема за домаќинства, волонтирање со вештини, како купување на намирници за групи со висок ризик, пешачење на кучиња и достава на лекови.

„Сите овие услуги се во согласност со мерките и со испорака поради наметнатите услови од Ковид-19 ситуацијата“, потенцираат од тимот, додавајќи дека одлучиле да го променат волонтерското искуство и да го направат попривлечно и поедноставно за помладата генерација со #Ways2Help.

На прашањето што ќе се случува со платформата, откако ќе помине вонредната состојба, велат дека прво од листата од понатамошните цели е да склучуваат официјални партнерства со организациите и развивање на дигиталната платформа.

„Иако се уште не е официјализиран конкретен датум на финална верзија, напорно работиме на нејзина оптимизација. Меѓувремено, се обидуваме да обезбедиме одржливост и се спремаме за настап на  Wolves Summit Live, настан кој поврзува преку 50 стартапи од Источна Европа со инвеститори и претставници на акцелераторски програми, како и за финалето на StartUP Weekend – светско ниво“, потенцираат од тимот.

Се надеваат дека желбата и интензитетот на луѓе кои сакаат да си помогнат еден на друг, ќе продолжи и после кризата. Ако можат да го олеснат тоа со платформа и да помогнат во развојот со локалните иницијативи, веруваат дека ќе имаат понатамошна одржливост.

„Свесни сме дека има многу работа и отворени сме за идеи и соработка. Ги повикуваме сите доколку сакаат да ни се приклучат на иницијативата, да придонесат со насока, совет или волонтирање, да ни пишат индивидуално или организациски, исто така ве охрабруваме да станете дел од нашата Facebook група или фан страна каде постојано ќе испраќаме известувања за акции и потребна помош“, апелираат дечките од „Ways2Help“.

Бојан Шашевски