[Интервју] Тони Димков, „Културен печат“: Во општата политизација на општеството, културата се смета за некомерцијална и непопуларна

Тони Димков, фото: Арбнора Мемети

Во општата политизација на општеството сите сакаат да се занимаваат со политика, а културата ја сметаат за некомерцијална, непопуларна, некаде дури и непотребна. Медиумите најчесто рубриката ја полнат со копи/пејст информации и на тој начин сметаат дека ја исполниле должноста кон јавноста. Но, проблемот не е само кај медиумите, вели Тони Димков, долгогодишен новинар од културата и уметноста, а сега и уредник на „Културен печат“.

Изминатиов викенд на позитивно изненадување на многумина излезе првиот број на „Културен печат“, како додаток за дневниот весник „Слободен печат“. Планирано е да се објавува на осум страници во саботното викенд-издание на печатеното гласило.

Димков објаснува дека веќе подолго време со уредникот на „Слободен печат“, Злате Лозановски, разговарале за соработка во областа на културните случувања. Во овој период созреале условите да се реализира идејата, а првиот број на „Културен печат“ се преклопи со прославата на шестиот роденден на „Слободен печат“.

Целта, нагласува Димков, е да им се даде можност на уметниците да ги претстават своите дела и да ги изразат своите мисли. Истовремено и јавноста да биде информирана за културните случувања во државата.

Со години пишуваш и живееш култура, па веројатно солидно го имаш опипано културниот пулс во земјава. Постои ли глад меѓу граѓаните за вакво издание?

Т.Д: Со колеги од други медиуми често коментираме дека речиси сите редакции за култура се згаснати и дека на прес-конференции од областа на културата се појавуваме по 4-5 новинари. Тоа веќе го имаат забележано и уметниците и продуцентите на културните настани. Не станува збор за глад, туку за потреба да се информира за бројните настани што се случуваат, а речиси и да нема кој да ги пренесе во јавноста. Со „Културен печат“ ќе се обидеме да исполниме барем мал дел од таа информативна празнина во однос на настаните и личностите од културата во државата.

Зошто се истиснува културата? Изоставуваат медиуми за да има култура, или култура во медиумите?

Т.Д: Има доволно медиуми во државава и сите имаат рубрика за култура, но тоа што недостасува се профилирани новинари што ќе следат само култура, а нив ги нема бидејќи нема ниту редакции за култура. Во општата политизација на општеството сите сакаат да се занимаваат со политика, а културата ја сметаат за некомерцијална, непопуларна, некаде дури и непотребна. Најчесто рубриката ја полнат со копи/пејст информации и на тој начин сметаат дека ја исполниле должноста кон јавноста. Но, проблемот не е само кај медиумите. Доколку некој се обиде да основа медиум кој ќе биде посветен на културата и уметноста многу брзо ќе сфати дека не може да обезбеди одржливост на медиумот, бидејќи голем број комерцијални огласувачи културата ја „множат со нула“.

Што е со самите автори, сликари, музичари, актери, режисери, разни уметници, културни дејци и иницијатори? Од каква помош е редовно да им се следат претставите, филмовите, свирките, изложбите…?

Т.Д: Ако земеме предвид дека една претстава се подготвува 2-3 месеци, една слика или музичка композиција некогаш се прави цела година, некои уметнички проекти вклучуваат 30, 50 или 80 луѓе во нивната реализација и замислете на прес-конференција да се појават само 2-3 новинари, или пак после премиерата на претставата, отворањето на изложбата или изведбата на композицијата да нема никаков одглас дека таа се случила. Овие ситуации не се хипотетски. Тие кај нас навистина се случуваат. Уметниците често чувствуваат немоќ кога ќе сфатат дека нема кој и каде да објави за нивното дело. А функцијата на рецензијата, критиката или освртот кон нивното дело им помага и тие самите да продолжат да се развиваат во однос на сопственото уметничко творештво.

Какво влијание има воопшто културата во целото општество? Може ли да се изгради инфраструктура без култура?

Т.Д: Влијанието на културата е огромно, не само во однос на нашето општество, туку воопшто и на цивилизацискиот раст на целата човекова популација на планетата Земја. Културата е таа што не одвојува од другите суштества. Културата има влијание врз генот, идентитетот, односот кон природата, односот кон другите културолошки средини. Воопшто не е случајно што моќните држави вложуваат многу пари во вооружувањето и индустријата, но тоа го прават и во културата. Веќе одамна живееме во време кога културата се користи како помоќно оружје од класичното вооружување.

Во однос на вториот дел од прашањето, културата е скапа играчка и затоа колку е помоќна и побогата државата има толку посилна култура. Во таа смисла инфраструктурата е средство за покажување моќ и доминација над другите. Погледнете само какви музеи или концертни сали се градат во светските метрополи. Кај нас тоа е сведено на потреба од основна инфраструктура. Освен неколку новоизградени објекти, кај постарите објекти не се вложени средства за реновирање со години наназад. Култура може да се создаде без инфраструктура, но за да опстои треба двете паралелно да се развиваат.


Бојан Шашевски