[Интервју] Со „ВелоРегистар“ граѓаните поефективно ќе се борат против кражбите на велосипеди

„ВелоРегистар“ е свежа бизнис идеја чија цел ќе биде да прерасне во централно место каде што граѓаните ќе можат да комуницираат, разменуваат информации и поефективно да се борат против кражбите на нивните велосипеди. Идејата беше развиена од петмина млади ентузијасти за време на натпреварот за стартапи кој се одржуваше овој викенд во организација на CEED Hub во Скопје.

Во интервју за Радио МОФ, Ивона Мицевска раскажува за развивањето на идејата која доби почесна награда од жирито. Заедно со остатокот од тимот (Марјан Ристов, Александар Иванов, Елисавета Ампова и Марио Крстевски) се надеваат дека со бесплатниот „ВелоРегистар“ ќе им олеснат на граѓаните и државните институции во пронаоѓање на украдените велосипеди.

За да докажат колку лесно може да се украде велосипед, член на тимот успеа да украде велосипед на еден од присутните додека течеше презентација на нивната идеја

Каде дојдовте до оваа идеја и што велат статистиките? 

До идејата дојдовме откако еден од нашите членови одлучи да купи нов велосипед. Веднаш почнавме да бараме информации за тоа како најдобро да го заштитиме од кражба, во каков механизам за заклучување да инвестираме, кој тип на брава се покажал како најотпорен и сл. По многу часови поминати на Интернет и YouTube, заклучивме дека не постои сигурен механизам кој ќе спречи кражба.

Потребата ја забележавме откако налетавме на еден интересен инфографик со статистики, спроведен од здружението на вело-ентузијасти „НаТочак” каде на речиси половина од велосипедистите во Македонија барем еднаш им украле велосипед. Што е уште позастрашувачки, само 2% од украдените велосипеди биле успешно пронајдени од полицијата. Од 2006 испитаници кои одговориле на анкетата во периодот од 19-32.02 оваа година, 97% би ги регистрирале своите велосипеди во национален регистар. Овие бројки беа доволен мотив за нас да ја разгледуваме оваа идеја понатаму.

Колкумина бевте вклучени во развојот на идејата и како течеше нејзиното реализирање? 

Мицевска и нејзиниот тим при изготвувањето на стартапот

Откако одлучивме дека навистина сакаме да ја развиваме оваа идеја, јас и мојот колега Марјан се пријавивме на настанот Startup Weekend со надеж дека ќе најдеме и други ентузијасти со чија помош ќе го комплетираме тимот. Првиот ден, ја презентиравме нашата идеја пред учесниците и добивме поддршка од 28 учесници, со кои се најдовме на второто место според бројот на гласови. Следеше втората фаза, каде од нас се бараше да ги убедиме присутните да ни се приклучат во тимот. Во текот на денот ни се придружи Александар, со што го исполнивме условот од минимум тројца за да продолжиме со идејата за ВелоРегистар. За време на викендот, ни се придружија Ели и Марио, со чија помош стигнавме до оптимален број на членови за понатамошните предизвици.

Кому ќе му служи вашиот регистар и зошто според вас е важно да постои? 

Во текот на изминативе неколку години, забележавме дека значително е зголемен бројот на велосипеди. Како резултат на тоа, кражбите на велосипеди од ден во ден се интензивираат. Доказ за тоа е големиот број на ФБ групи каде велосипедистите, со надеж дека некој ќе го забележи нивниот велосипед, објавуваат информации од нивните украдени велосипеди. Најинтересно од се’ е што, во една од нив, забележавме дека велосипедистите редовно ги посетуваат нелегалните пазари низ Скопје (еден од нив, т.н. „Бувљак”) и објавуваат слики од велосипедите кои ќе ти затекнат таму. Од тука се забележува потребата на ВелоРегистар, централно место каде што велосипедистите ќе можат да комуницираат, разменуваат информации и поефективно да се борат против кражбите на нивните љубимци.

Како ќе функционира Вело регистарот? 

Секој вело-ентузијаст ќе може да го регистрира сопствениот велосипед во ВелоРегистар-от. Покрај основните информации за корисниот (име, презиме, информации за контакт), велосипедистите ќе мора да го наведат и нивниот сериски број, кој може да се најде на самиот рам. Како дел од дополнителните услуги, секој корисник ќе може да нарача посебна налепница со единствен регистарски број асоциран со серискиот број на велосипедот. На налепницата исто така ќе биде вграден посебен QR код кој ќе ги содржи овие информации. Ова ќе помогне за полесно идентификување на велосипедот и пребарување низ базата на податоци на ВелоРегистар.

Освен што корисниците ќе можат да ги регистрираат своите велосипеди, истите ќе можат да ги пријават како украдени, по што ќе се појават во посебна „црна” листа и нивните сериски броеви ќе бидат видливи за сите корисници на ВелоРегистар. Ова ќе помогне за побрзо и полесно идентификување на украдените велосипеди доколку крадците пробаат “на црно” да ги препродадат. Секој човек ќе може да го провери серискиот број на велосипедот што го купува и да провери дали истиот се наоѓа во нашата „црна” листа на украдени велосипеди.

Насловната страница на нивниот веб-регистар за велосипеди

При пријавувањето на украден велосипед, од корисниците ќе се бара да внесат точна локација од каде им бил украден велосипедот, за понатаму да послужи во креирање на мапа со најголема концентрација на украдени велосипеди, сортирани по локацијата (heat map). Со оваа функционалност, велосипедистите ќе знаат кои локации се најнебезбедни за оставање на велосипедот, непридружен.

Доколку некој од корисниците пронајде нечиј украден велосипед, веднаш ќе може да го контактира сопственикот на велосипедот (преку push-нотификација која веднаш ќе го информира сопственикот дека неговиот велосипед е забележан на одредена локација).

Што посакувате да постигнете со оваа идеја? Како планирате да ја направите одржлива? 

Со ВелоРегистар-от сакаме да го намалиме нелегалното препродавање на украдени велосипеди на територијата на Македонија, а понатаму и да се поврземе со националните регистри на соседните земји каде одреден број на украдени велосипеди се извезуваат. Доколку успееме да ја прошириме идејата за ВелоРегистар-от, граничната полиција би имала увид во сериските броеви на украдените велосипеди и извезувањето значително би се отежнало.

Во текот на овој период, ќе стапиме во контакт со официјални продавници за продажба на велосипеди кои би биле заинтересирани за соработка. Идејата е при купувањето на нов велосипед, самите продавници да го внесуваат новиот велосипед во базата на податоци на ВелоРегистар-от.

Во наредните фази на ВелоРегистар, сакаме да вклучиме и e-продавница на половни велосипеди, каде доколку корисниците одлучат да го продадат својот велосипед, можат веднаш да го објават на нашата страница. На тој начин, ќе се намали препродавањето „на рака” каде купувачите немаат никаков доказ за продажбата. Следствено, по секоја продажба, купувачите на мејл ќе добиваат доказ за секоја направена трансакција. Предноста на препродавањето на велосипеди на овој начин е што во иднина ќе се дислоцира овој second-hand пазар од другите платформи каде купувачите нема да имаат никаков доказ за купувањето на половен велосипед, а со тоа и не можат да докажат дека велосипедот навистина им припаѓа.

Планирате ли соработка со здруженија, можеби и со државни институции? 

За време на изминатиов викенд, каде се боревме да добиеме финансиска поддршка за нашата идеја, успеавме да стапиме во контакт со многу вело-здруженија. Огромен број од нив веќе ја споделија нашата страница.

Во оваа фаза на ВелоРегистар, потребна ни е сета поддршка што би можеле да ја добиеме, отворени сме за било каков тип на соработка.

Во некоја од наредните фази на развој, би сакале да разговараме со некои од државните институции и да им го олесниме процесот на пронаоѓање на велосипедите. Доколку некој од нашите корисници, при купување на половен велосипед, забележи дека истиот е украден, да не мора да поминува низ целиот процес на пријавување на истиот, туку значително да се зголеми времето на одговор од полицијата при вакви случаи.

Нивната официјална Фејсбук страница гласи ВелоРегистар која, пак, води до нивната веб-страница и регистарот.

Емилија Петреска