Актуелната изградба на гасоводот кој ќе поминува низ Водно во Скопје покрена многу прашања, но помалку се однесуваат на значењето на самиот гас и предизвиците што ќе ги носи со себе.
Гасот е одлично еколошко гориво, но е скапo, а тоа директно би влијаело на цената на електричната енергија, вели Славе Арменски, професор во пензија на Машинскиот факултет.
Според овој професор, кој долги години предавал за производство на електрична енергија од неконвенционални енергетски извори, гасот е скап „залак“ за македонските граѓани. Како пример ја посочи соседна Србија, каде моменталната цена за кубен метар изнесува 0,5 евра.

Илустрација на обичен струјомер
„Ние сме со таква плата и стандард што кога ќе ни дојде дома гасот, ќе биде поскап од дрвото, а поскап е и од електричната енергија, и ако остане таа цена, народот нема да користи гас, ќе продолжи да користи електрична енергија“, смета Арменски.
„Кога ќе дојде дома, треба да почитувате многу прописи за да го користите. Има луѓе кои не се технички образовани, не може да си играат играчка со него“, напомена тој.
Во однос на сечата на Водно, Арменски посочи дека во оваа битка, ревидентот на проектот е единствениот што може да пресече и да каже дали треба или не да се минува низ Водно.
Тој подвлече дека ниту производството на електрична енергија со термоелектрани на гас не доаѓа во предвид поради цената.
„Повеќе ќе трошите отколку што ќе прибирате“, уверува тој.
„Увозот е најлесна работа, впрочем нема ни вработени. Но, ќе бидеме комплетно зависни од цената на пазарот, нема да биде фиксна како што е сега. Така што според мене, подобро е да се произведува гасот“, додава Арменски.
Европа одамна го напушти јагленот, го воведе гасот, но и него веќе го намалува така што не гради нови гасни централи, нагласува тој.
Иднина не гледа ниту во ветерот. Централите кои моментално функционираат не се доволни, смета тој. Исто така, скапа е и геотермалната енергија, за која да се добие треба ископување длабнатини од два километри – нешто што може да чини и до неколку милиони евра.
„Нема постројка што нема еколошко влијание“, истакна Арменски.
„И малите хидроцентрали знаат да прават еколошки проблеми. Овците кои се научиле да пасат покрај реката, ако им ја фатите водата, од кај ќе пијат вода? Да не зборуваме за дивиот свет…вие му ја земате и му ја носите водата пет километри подолу. И браната има свое негативно еколошко влијание“, оценува Арменски.
„Јас да сум сега како Владата, Чебрен и Галиште веднаш би ги почнал, но да бидат наши, не под концесија. Чебрен е брана којашто има врутоци од голема и средна моќ. Можеби за 20-30 години не, но за 50 години сигурно ќе се исплати“, додава тој.
Сончевите колектори го ублажуваат проблемот, но не се целосно решение
Наспроти многу други убедувања, Арменски вели дека без разлика колку фотоволтаици да се постават, тие не го решаваат проблемот со снабдување топлотна енергија.
„Не е големо производството во мегавати, но може да помогне. Сепак, мора да имаме базна енергетика како јаглен, гас, вода – која ќе ни помогне во моменти кога ќе немаме електрична енергија“.
Тој го поздрави досегашното субвенционирање на домаќинставата за поставување на фотонапонски панели.
„Јас сум примил сончево зрачење и сум произвел повеќе од што ми треба, па вишокот го давам на ЕВН, а кога ќе нема сонце, од нив ќе примам енергија и на крај на месец ќе се процени колку сум дал, а колку сум примил, и за разликата ќе си платам. Со новиот Закон за енергетика тоа го има и тоа е добро, бидејќи ќе стимулира повеќе луѓе да стават колектори таму каде можат“, смета Арменски.
Сепак, според него, државата во иднина треба да ги поддржува домашните производители на колектори, а не да се увезуваат од надвор, за кои вели дека нема никаков сертификат.
„Претходно, набавивме лабораторија за испитување на термичките колектори и фотоволтаиците и ја лоциравме во Хидрометеоролошкиот завод, но застана затоа што немаше што да испитува. Тогаш требаше да се донесе сè што ќе се увезе, да мора да оди на испитување во таа лабораторија. Двајца беа вработени и имаше трошоци лабораторијата и така остана“, вели разочарано Арменски.
„Народот за 20 000 денари ќе инсталира кинески колектори и после има секакви проблеми. Даваат многу повеќе на поправки и зимно време грејачот им троши повеќе електрична енергија за да не смрзне водата, но тие не знаат колку“, додава.
Се радува што од неодамна Македонија ја има првата домашна фабрика за производство на фотоволтаици, но побара државата да ја заштити.
Го искритикува и поставувањето на колектори на земјоделско земјиште.
„Место за садење го направивме градежно и поставивме фотоволтаици. Не треба така. Треба да биде на пусто место, затоа Европа во Сахара ќе прави термички централи, за да не се упропасти земјиштето“, потенцира професорот.
Стратегија за енергетика има, но не се постапува по неа
„Стратегија за енергетика се прави со цел да се предвиди што во наредните 10-15 години ќе се случува во Македонија. За жал, се направи стратегија, но не се постапи по неа. Потребна ни е поквалитетна“, смета Арменски.
Поради ова, термоцентралите ќе ни останат основа за снабдување на енергија, вели тој.
„Јас присуствував кога се отвори ‘Осломеј’ во 80-тите. Централата си го помина својот век, тие имаат до 30 години времетраење. Сега прашање е дали да ја исчистиме од старо железо, да фрлиме се, или нешто од тоа може да искористиме за да продолжи да работи“, појаснува Арменски.
„Но, што кога и Битола ќе застане? Што правиме? Со сончева не можеме, навечер нема сонце, а и увозот знае да биде скап. Ние како социјално општество ќе треба по 15-16 часа да имаме рестрикција“, вели тој.
Според него, иднината е во помалите постројки, не во големи централи како што се во Кичево и Битола. Заедно со колеги предлагале изградба на постројки со моќност од 10 мегавати, кои ќе користат гас, но паралелно би имало и централно греење во секој град. Со тоа, смета Арменски, би се намалила цената на електричната енергија.
„Цела РЕК Битола работи само за греење на Скопје. Ако се распадне БЕГ да немаме централно греење, нема да може да не покрие ни РЕК Битола“, забележува тој.
Како да станеме енергетски поефикасни?
„Ние сме Балканци, правиме куќа од 300 квадрати, без изолација, барем порано, денеска законски мора да се стави. Но, зошто му се 300 квадратни метри, а вели дека нема пари за изолација. Ниту во Шведска, ниту во Норвешка, има куќи од 300 квадрати. Но, мора да биде повисока и поголема од комшијата. Свеста кај нас е да се покаже пред сите и после ќе живее во една соба од 20 квадрати бидејќи се трошат дрва. Менталитетот треба да се смени. Да си направам куќа од 100 квадрати, да ја направам по сите прописни стандарди, со добра изолација, да ставам сончеви колектори, да имам топла вода – тоа е енергетска ефикасност и ќе има дури комоција“, критикува Арменски.
„Во зградите во помалите градови, луѓе ги качуваат дрвата на рамо секојдневно. Ако има централно греење тоа би се сменило. Но, не, тоа е прескапо за нив. Свеста мора да ни се смени, да не е балканска“, додава тој.
Според него, сегашните генерации треба да мислат за идните две.
„Ако некој правел некогаш метро, го правел пред 100 години, мислел за денес. „Ама скапо е..“. Да, но треба да го почнеме. Секој градоначалник на Скопје по еден километар да направеше, денес ќе го имавме трамвајот, од Ѓорче Петров до Лисиче. Автобусите иако се нови, пак користат нафта и загадуваат“, забележа професор Арменски.
Иднината е во инженерите, но тие се малку платени
„Како што ни ги земаат медицинските сестри и докторите, така ни ги земаат и инженерите“, согледува Арменски.
„Мислам дека на светско ниво, младите не сакаат техника, таа е тешка. Прво, е помалку платена од економистите, правниците, од адвокатите и судиите. Не велам дека и овие професии се лесни. Но, на пример во Кичево се работи во нестандардни услови, зборувам нехигиенски. Во рудникот не ве прашуваат дали е топло или студено, дали ветер дува. Тоа е најтешката работа кај техничките лица. Некој треба да го прифати тоа, но и да биде платен“, вели тој.
Според него, неинвестирањето во новиот стручен кадар и непочитувањето на нивниот труд е тоа што влијаело во уништување на техничките факултети.
„Нема проблем за еден инженер да работи во Канада или Германија, бидејќи и нивните млади не сакаат тоа да го работат. Сакаат само менаџмент, да бидат директори и да има одлична плата. Но, ајде на млад асистент што ќе дојде да предава, дајте му плата од 20 000 денари. Како ќе опстане тој со фамилија во Скопје?“, прашува Арменски.
Емилија Петреска