Полина Хадуонг:Младите повеќе се интересираат за тоа што мислат нивните пријатели, отколку за власта

Денес е тешко е да се следи трагата на луѓето од тоа што користат на интернет и нивните практики додека се онлајн, главно поради големиот број платформи со кои располага интернетот, смета Полина Хадуонг од Беркман центарот за интернет и општество . Темата за приватноста на интернет, но и за онлајн навиките на младите беше дел од нејзината презентација на дводневната конференција „е-општество: Млади и медиуми“ која викендов се одржуваше во Скопје. За Радио МОФ таа раскажува како младите во САД гледаат на социјалните медиуми и дали навистина онлајн медиумите ја имаат моќта да направат социјални промени.

Фото: Ванчо Џамбаски

Беркман центарот спроведе истражување токму на темата за онлајн приватноста. Кои беа резултатите од тоа истражување?

Сè уште имаме различни резултати со кои се соочуваме. Но, воглавно дознавме две работи. Првата е дека кога зборуваме со младите за приватноста, тие размислуваат само на социјалната приватност, иако постои и институционална приватност.

Институционалната приватност е да се биде загрижен за следење на власта, маркетингот или некои трети страни. Додека, социјалната приватност се однесува на тоа што вашите пријатели можат да го видат, што вашите професори можат да видат. Така што, младите се многу повеќе заинтересирани околу тоа што нивните пријатели можат да го видат отколку тоа што власта може да види. Исто така, дознавме дека младите прво размислуваат за тоа што сакаат да го кажат, така што може да се забележи автоцензура и авторегуларност.

Кои се најчестите навики што младите ги имаат додека се онлајн, како тие можат да ги искористат онлајн медиумите? 

Младите во Америка се прилично заинтересирани за користење на социјалните медиуми и навистина уживаат да ги користат како начин преку којшто се поврзуваат со нивните пријатели. Исто така, како начин да го формираат својот идентитет или барем најблиското нешто до нивниот идеален идентитет. Пред сè, тинејџерите доста го користат Инстаграм така што уживаат да сликаат како си го поминале денот, од тоа што го јадат или нивните чевли оставајќи простор нивните пријатели да коментираат.

Кога велиме дека 95 проценти од младината е онлајн, ние всушност велиме дека 95 проценти од нив имаат некаков пристап до компјутер или мобилен што може да ги стави онлајн. Но, тоа не е исто како тоа да кажеме дека тие имаат пристап до интернет секојпат кога тие сакаат или каде и да сакаат. Нам се уште ни останува да ги учеме младите на вештините што им се потребни за справување со дигиталниот свет во 21 век. Сето тоа доаѓа со време, пракса и образование.

Сметате ли дека онлајн медиумите влијаат и врз образованието?

Мислам дека би можеле. Имам видено навистина одлични примери. Има навистина одлични начини преку кои технологијата помага во развивање на различни образовни модели. Но, истовремено технологијата би можела навистина да биде тешка за учење, така што нејзиното ефективно користење може да биде тешко.

Дали онлајн медиумите можат да помогнат во создавање на општествени промени?

Мислам дека е неверојатно тоа што го прави тоа толку лесно секој еден да биде активист. Лесно е да се направи петиција онлајн или да се потпиши петиција онлајн или да се твита за тоа како се чувствувате за одредени работи, но истовремено мислам дека на овој начин може да се поттикне повеќе активизам. Дефинитивно постојат моќни примери како што беше Арапската пролет.

Вие бевте дел и од форумот за сексуално образование, сметате дека ова е мошне важна тема?

Тоа е нешто што го правев додека бев сè уште на факултет. Јас имав доста предавања поврзани со сексуалното образование за млади од основно и средно училиште. Но, во тоа време немаше таков вид на образование на факултет. Не знам како е во вашата држава, но во некои земји што се дел од Америка воопшто нема сексуално образование. Дознав дека голем дел од луѓето што ги познавав на факултет беа веќе 19 или 20 години, а не знаеја ништо за тема што е многу важна за нивното здравје.

Емилија Петреска