[Интервју] Менсур Бојда: Уметничка симбиоза со пијаното

„Сменив стил. Дојдов во Њујорк и станав пијанист. Ќе ти свирам малку да мe сфатиш сериозно“.

Академскиот сликар Менсур Бојда навидум не е тој истиот што го знаеме. Тој што своевремено го следевме преку неговиот експресионизам, слики за Далечниот исток, преку митските јунаци „Кабуки“, преку учеството во македонската репрезентација во кендо, преку самостојните и групни изложби, преку омотот за стрипот „Фацизам“, преку ателијерските дружби со сликарите-пријатели Владимир Симеонов и Глигор Чемерски.

Сега седи на пијано. Свири и ужива.

Ја чека својата изложба на 5 септември во скопската галерија „Грал“. Сака да не’ внесе во изложбата. Да не’ внесе во неговиот свет, па затоа свири.

Нашата комуникација се одвива по Фејсбук. Видео-преносот е матен, ама звукот е чист. Бојда ги притиска клавишите од студиото во Њујорк. Тука живее три години, па веќе е предаден во работата. Смирен и сигурен, пуштил „корени“ во оваа креативна територија.

„Ова е само интро. Да ти доловам дека од тука почна се’, буквално“, нагласува Бојда.

Уметникот е импресиониран од пијаното. Почнал да свири, учи за овој инструмент, да истражува, да се препушта на клавирот. Вели, појма нема што прави, само ги стиска црно-белите типки и чувствува кој звук му се допаѓа. Ако не му звучи убаво – не стиска.

„Имав две ганц нови ’Стенвеј енд Санс’. Тие се мајка за пијано. И почнав да ‘губам’ по четири-пет часови дневно. Не да ‘губам’ време, туку едноставно, да седам на пијано, да се губам во него. Му се восхитував. И не влегував во ателје. Година и нешто, скоро две години. И викам: не оди вака, не ми е тоа работата, работата ми е во ателје со сликарство, морам да прекинам… Ама, не ми се прекинува! Убаво е!“, раскажува Бојда.

Под неговото студио се наоѓалa просторија со над сто клавири „Стенвеј енд Санс“. Се здружил со сопственикот, се нашле во муабет за источна култура, за кендо, се спријателите. Изградиле доверба.

„Ист беше во паметот. Човекот ми рече ‘доаѓај кога сакаш, ова ти е како дома’. Можев да одам да свирам, а не сум професионалец. Туку, тотално ја разбрав работата. Помина голем период кога луѓе мислеа дека имам некаков вид едукација. Повеќе сум истражувач. И сфатив дека сум визуелно импресиониран. Маѓепсан. Тоа е како секоја друга уметност, каде сакаш да ја апсорбираш, ти дава ‘погон’ (drive). Така и музиката. Ќе притиснам едно, уште едно, и уште едно. Да ја направам да трае. Да е тука со мене“, вели тој.

Архивска фотографија со тројца пријатели-сликари: Менсур Бојда, Владимир Симеонов и Глигор Чемерски

Бојда нашол решение. Да ги задржи и двете позиции. Да не се оттргне ниту од сликарство или пијаното, па почнал да имитира клавијатури, иако повторува – музички не е едуциран. По вокација е сликар. Звукот не му е примарен, туку визуелното.

Во пијаното постои цела математика

„А, зашто клавијатура? Ќе речеш дека е црно-бела поставка, тотално репетитивно. Ама, не е така, постои цела математика. Белите и црните, нивната позиција, тие се ’исечени’ прецизно. Ми требаше месеци за да сфатам. Па, бев во фабрика за ’Стенвеј’, па таму зборев со луѓе, разменувавме мислења, искуства. И, почнав да правам слики“, вели Бојда.

Уметникот се наоѓа во њујоршка зграда каде има театар, арт-студио, луѓе инволвирани во уметност. Тука е Американецот Стивен, фотограф, Стефани прави накит, друга девојка е сликарка, трета од Кина се занимава со перформанси. Ова е богато активен простор. Своевремено доаѓал и се дружеле и со Дуке Бојаџиев. Му давал поддршка.

Во неговата просторија, Бојда покажува на четката. Покажува и на своите уметнички парчиња. Насекаде се. Лево и десно, горе по ѕидовите. Просторијата е претворена во еден гооолем клавир. Со неконвенционални слики. Уметникот живее со нив, и тие со него. Во симбиоза. Функционираат заедно.

Не се слики (paintings) во традиционална смисла, туку инволвираат малку поопширен опсег. Традиционалната слика е само квадрат, или квадар, конструкција од дрво и оптегнато платно над него и аплицирано било што (боја, техника). Во овој случај, вели тој, ова е малку различна, покомплицирана геометриска форма.

„Тотално го имитира обликот на клавијатурата. Црните (клавиши) се квадари, ама се малку поистакнати напред. Сразмерно е со вистинските типки, сооднос x7, но се’ е точно. Големата математика е тука. Сите се померуваат на различни места, за да направат место помеѓу црните клавиши, за да има место прстот да пипне. Тоа е местото на ’забавата’. Магијата. Математиката е незаменлива. Единствено заменлив е стилот на црните типки. Они варираат. Варира аголот. Со тоа типките имаат 3Д момент, а целата слика ја прави скулптурална“, вели возбудено Бојда.

Апликацијата на сликите е тотално „зен“

Му требало време да пресмета, сфати, размисли. Па, да види дали од пијано до пијано е исто. Затоа бил во фабриката, а во њујоршката галерија „MC“ изложуваше со овој циклус.

„Многу сум возбуден поради овој момент, циклус на слики, затоа што е различно од она што досега сум го работел. Порано, во некоја смисла – експресивно сликарство, фигуративно, во традиционална форма. Апликација на платно, нарација, приказна позади, во некоја мера објаснување итн. И, претрпев промени. Ова е резултат на овдешното искуство. Истражувачки процес за сите ликовни проблематики и елементи, и повторно се вратив во школо. Да го преиспитувам интересот, зошто го правам ова?!“, раскажува уметникот.

Менсур Бојда, архивска фотографија

Вели, толку години искуство и практична работа во професијата, сакал да знае зошто тој потег што го става баш таму, е таму. Не можел да продолжи само со тој восхит – дека е случен. Туку, зошто е таму случен, и зошто буди посебна емоција.

„Тоа ме доведе до размислување на друго поле, на нешто што го викам ‘контролирана емоција’. Знаеш, на контролирана експресија, на имитирање на ист таков вид на слободен потег, но со малку повеќе внимание и свесност. Нешто што води во поле што не ми е непознато. Се сеќаваш, се занимавам со кендо, со источна култура, калиграфија сум пишувал… Сето ми даде самодоверба. Да речам: ‘па, јас можам да ги покријам сите овие прашања’. Апликацијата во овие слики е минимална. Апликацијата е тотално – зен!“, раскажува Бојда.

Во уметноста уште на старт имаш бенефит

„Се прашувам цел живот кој е ‘тригерот’. Зошто го правам, како го правам, зошто ова, она… Заради уметност. Зашто има пресилна гравитација, затоа што е вредна! Вредна за предавање и посочување време. И живот. Не си изгубен ниту секунда. За разлика од друго во животот кога мораш да формулираш, да видиш ‘на што си’, да го знаеш исходот, па да речеш ‘ОК, имам бенефит’. Уметноста не е таква. И на старт имаш бенефит“, продолжува Бојда.

Отсекогаш се интересирал за разни креации. За занаетчиски работи, за темелни изработки за кои е потребно генерации знаење, векови да се доведат со совршенство.

Бил подучуван уште во средно, па и претходно, дека уметник е човек со опширен опсег, во разни сфери.

„Не само ‘јас цртам’. Поготово во овој современ свет, дома или надвор, ако кажеш дека ‘Еј, јас сликам“. Сфаќаш дека – многу малку правиш! Ти си мислел дека којзнае колку знаеш. Има луѓе што прават многу повеќе, и плус сликаат, а не се лоши, можеби и подобри од тебе“, вели тој.

Според него, ваквите класификации се деградирани, разградени. Не постојат. Но, никогаш немал прилика да се впушти во инструмент. Работел со фамилијарен угостителски бизнис, помагал. И во Белград кога се преселил на студии, си купил гитара. Но, никогаш не ја „пипнал“.

„Имав седумнаесет години. Никогаш не ги разбирав тие работи, ама сега ги разбирам. На пример, тој звук на пијаното, мелодијата што може да ја произведе ретко кој друг инструмент може ја прикаже, без помош. Пијаното има голем репертоар, палета на бои. Опширна е. Може да биде филхармонија сама за себе“, забележува Бојда.

Јапонецот во приказната на Бојда

Во целиот овој процес е вклучен и Јапонецот Риота Сато, негов пријател. Тој е визуелен уметник. Бил присутен уште во првиот момент. Возбуден уште при првата слика. Да види, осознае што се случува, како се случува. Му ја знае работата, колку му значи. Бил пресреќен од уметничките резултати на Бојда.

„И беше толку инволвиран, па кога пресели во Јапонија каде работи за еден музеј, сакаше да биде информиран. Ова растеше, од една слика што ја замислив и морав да ја видам, па почнав да правам многу. Една до друга, една до друга – во заедништво се како клавијатура. А, Рио ми верува, па понуди да ми ја дизајнира книгата, плакати и сл. Прифати да биде официјален куратор и на изложбата во ‘Грал’. Сакам да биде дел од приказната, да го инволвирам, да го осознаат. Да биде јавно експониран“, вели Бојда.

„Му favorite things

Изложбата во Скопје на 5 септември носи наслов „My favorite things“, идентично како седмиот студиски албум на џез-музичарот Џон Колтрејн.

Колтрејн велеше дека главната работа што сака да ја направи, е да му даде слика на аудиториумот за многуте прекрасни работи што ги знае и чувствува за универзумот.

Колтрејн беше мајстор за експериментирање на нови форма на џез. Експериментирање надвор од хармонична структура. Стилот наречен „слободен џез“ ја славеше слободата од правила и структури. Слобода од она што е прифатено или очекувано, како и слободата за замислување.

Плакат од последната изложба на Бојда во њујоршката галерија „MC“

„Целата низа од слики, цртежи и принтови, е дело по себе. За прв пат навлегувам во таа продукциска приказна каде нема граници, нема стоп. Сите слики можат да бидат изградени на ист начин, сите имаат мала разлика, но самата апликација е различна, со тотално различна интимна приказна. Од една, друга, до трета. Сите завршуваат со име што во тој момент сум го слушал од некој џезер, кој ми бил омилен, или песна. Џезот е голема потпора. Овие дела се викаат ‘Мy favorite things’“, објаснува Бојда.

Во скопската комерцијална галерија „Грал“, Бојда ќе се претстави со целина. Изложбата е тотално затворен круг, вели тој, целина што визуелно е многу јасна, нема никакви дискусии. Читка е, не бара никакво знаење, или ликовна едукација од било кој гледач за да опсервира.

„Чисто конструктивно, на изложбата ќе има слики, цртежи и принтови. Oваа идеја и тој вид на репетиција, звук, прецизност, точност… ме доведоа до заклучок дека не правам разлика меѓу цртеж, принт, слика и скулптура. Тотално природно, непланирано. Ова го немам предвид. Туку, едноставно се случи. И јас сум тотално восхитен од тaa состојба. Не сум ја планирал, напротив, резултат е на сите тие мои лични интереси од минатото. Неправење на таква разлика е предизвик“, констатира Бојда.

Бојан Шашевски