[Интервју] Манчевски: Со јавниот дискурс во Македонија владее простотилак

Познатиот македонски режисер Милчо Манчевски беше гостин на 37-то издание на Интернационалниот фестивал за кинематографија „Браќа Манаки“ во Битола. Актуелен во јавностa со својата поддршка на иницијативата за зачувување на Дебар Маало, во интервјуто од Битола за Радио МОФ, тој вели дека две децении по „Пред дождот“, во земјава се чувствува повеќе агресија, поголема сиромаштија и простотилак.

Во саботата публиката уживаше во концертот на филмска музика, кој беше дел од програмата на „Браќа Манаки“. Концертот е мултимедијален проект на младата оперска пејачка Симона Петровска во соработка со Игор Василев, Андреј Наунов и режисерот Милчо Манчевски. Како се случи оваа соработка?

Тоа е проект на Симона, во кој работи со Игор и со Андреј, а јас сум само далечен соработник. Таа ме замоли за визуелна илустрација и јас ѝ дозволив да одбере од моите фотографии кои ќе бидат дел од моја изложба догодина. Драго ми е да поддржам талент. Ова малку ме потсети на соработката со Бастион пред многу години, кога им помагав со текстовите и визуелната поддршка. Од овој убав концерт ќе има и албум и видео запис.

Дваесет и една година од „Пред дождот“, мислите ли дека сликата за Македонија е сменета?

Пред дождот не е филм за Македонија. Тоа е филм за луѓе, ситуации и емоции, и воопшто не е ниту документарен, ниту филм кој раскажува една конкретна слика за конкретно место. Тој е филм кој зборува за луѓе воопшто, а не отсликување на едно време или на една земја. Со такви факти треба да се бават новинарите, историчарите и антрополозите. Уметниците, мислам дека треба да се бават со посуштински, поуниверзални работи. Пред дождот е филм од Македонија, а не за неа. Инаку, што се однесува на тоа како и дали Македонија се има променето во тие 21 година, променета е. На подобро или полошо, тоа ќе кажете вие што живеете тука. Очигледно е дека во многу работи се гледа дека денеска се живее полошо одошто се живеело пред 21 или 25 години. Тоа мислам дека го чуствуваат луѓето кои тука живеат и затоа многумина веќе и не се тука. Има многу поголема агресивност во животот, посиромашно се живее и со јавниот дискурс владее многу повеќе простотилак. Корупцијата и непотизмот – кои отсекогаш ги имало тука, се сега на стероиди.

Јавно ги поддржавте студентите и средношколците во нивната борба со Министерството за образование и наука, а го критикувавте и проектот Скопје 2014. Моментално ја поддржувате и иницијативата за зачувување на Дебар Маало. Што го разбуди револтот кај вас за јавно да се побуните?

Јас верувам во максимата „Мисли глобално, делувај локално“, и затоа не сакам да се бавам со висока политика. Сакам да поддржам работи кои се многу конкретни и локални, а кои силно влијаат на животот на луѓето. Истото го правам и во Њујорк и во Скопје. Мислам дека кај студентите, средношколците и Дебар Маало, барем за мене, е кристално јасно која страна треба да се заземе. Мислам дека допрва ќе се види колку е значајно она што го направи Студентски пленум. Тоа е вртење нов лист, пресвртница во начинот на размислување во Македонија. Студентскиот пленум е убавата, нова Македонија. Барем за она што јас го знам историски за Македонија, ретко кога, да не речам никогаш, луѓе застанувале несебично зад идеја. Често има ѓурултија, политички ставови и партии, но сите најчесто биле себични и се бавеле само со тесни интереси, па затоа се и лесно поткупливи. Студентски пленум постапи несебично,  поради идеја и поради став кои се принципиелно битни. Тие излегоа непоткупливи. Мислам дека тоа како пристап кон јавниот живот е ново во Македонија и дека поради тоа треба да биде поддржано. Се надевам дека ќе биде заразно. И гледаме дека стана заразно, беше прв пат во последно време луѓето да не се плашат да кажат што мислат. Средношколски пленум, пак, ме потсети на истите проблеми кои ги имавме кога јас бев средношколец, кога исто така се правеше нестручна, политичка и простачка реформа на средното образование продив која ние тогаш се буневме. За тоа имам и текстови кои тогаш ги пишувавме и објавувавме. Имавме многу помалку можност тоа да го искажеме, но имаше и многу помалку притисок кога го кажувавме тоа што го мислевме. Иако тоа наводно беше време на едноумието, посериозно беше сфатена таа наша критика одошто денеска се сфатени средношколците.

А што го разгоре вашиот револт во однос на случувањата во Дебар Маало?

Што се однесува до Дебар Маало – не е во прашање шлепер што поминал преку граница, или некој што поминал на жолт светло, тулу целиот криминал и урбан геноцид стои заробен во бетон и се гледа секој ден и ќе се гледа со генерации. Јас зборував против тоа и во 90-тите кога се случуваше, кога ДУП-от на Миро Грчев го сотре квалитетот на живот во Дебар Маало и постави урнек на урбанистичко силување и подвала, ама и сега.  Драго ми е што сега има повеќе луѓе кои го увидуваат тоа и кои се понепоткупливи. За жал, моите комшии во 90-тите беа многу поподготвени да дадат куќа за станче и дуќанче, и затоа квалитетот на живот, нивни и на нивните деца, е упропастен. Денес постои можност да се постапи според потребите на граѓаните затоа што има и артикулирани, одлучни комшии, и ќе видиме дали политичарите во владата, градот и општината ќе продолжат со геноцидот за потребите на нивните бизнис-спонзори поради простотилак и за мито, или ќе дозволат крајот да дише и да живее кoлку-толку нормално.

Во една прилика рековте дека не мора некој да потекнува од голема земја за да направи добар филм. Тогаш, што е потребно за повеќе квалитетни филмови?

Јас можам да зборувам за моите искуства, а не за филмови од други автори. Факт е дека поддршката на државата за филмската активност е нестручна и погубна. Филмскиот фонд, односно Агенција е нестручно воден. Македонија пропушти да учествува како партнер во филмот кој победи во Кан годинава поради кусогледоста на Агенцијата, која троши многу пари на непродуктивни активности, без ефект. Директорот незаконски потпишува и работи веќе цела година, а дојде на таа позиција иако не ги исполнуваше условите.  Eurimages ја запре соработката со Македонија поради корупциски скандал во државава, а нивниот извештај државата го скри под тепих.  Новиот Закон за филм апсолутнo ја задушува квалитетната филмска продукција оти е нестручно напишан. Во ниеден збор не се спомнува творештвото ниту филмскиот автор, се зборува само за пари и за контрола, како реакција на фактот дека самата држава ги прекрши сите свои правила кога го финансираше „До балчак“ за некои 4,5-5 милиони евра. Поради фрустрацијата на тој што нестручно си играл, сега имаме еден „Франкештајн“ од закон според кој никој не сака да снима.

Во овој закон нема ништо стимулативно, туку секоја ставка се бави се репресија и контрола. Филмскиот автор и творештвото не се ни спомнуваат во овој закон. Јас сум на црна листа, што се гледа од тоа што Фондот одби низа мои активности („Мајки“ беше на 40 фестивали од Бразил до Индија, од Берлин до Торонто, и освои 7 награди; лично бев на 20 од тие фестивали; сево ова се случи со нула поддршка од македонската држава, која се обидуваше да го задуши својот најуспешен филм во последно време). Директорот на Фондот оди кај потенцијални странски партнери и се обидува да ми ја наруши репутацијата. Љубомората на малиот човек е чудна работа, како вирус, а тој вирус мутира кога ќе си најде плодно тло во државните институции. Ова не е ново, одраз е на еден генерален однос на културниот естаблишмент кон мојот успех. Истиот проблем се појавува секогаш кога работам тука. Еве, Македонија не беше учесник во „Пред дождот“ сé до пред крајот на снимањето затоа што министерот им подлегнал на лагите на Столе и Данчо дека ние, де факто, немало да снимаме филм, туку сме сакале само да им ги собереме парите. При учеството на Македонија во „Прашина“, тогашната власт побара мито. Парохијални критичари цело време плукаат за да бидат забележани. Човек се навикнува на македонската лошотија како што се навикнува на студено време во февруари.

Имате изјавено и и дека до крајот на својот живот би пишувале поезија. Значи ли тоа дека во одреден момент би се откажале од снимање филмови?

Би пишувал, но не поезија. Да имам храброст, од снимање филмови би се откажал веднаш, затоа што ми е поубаво кога пишувам, отколку кога се бавам со филм. Филмот е премногу јавна работа за мојот карактер и вкус, премногу се политизира, прескап е, има премногу техника и има премногу други луѓе и суети. Од друга страна, пишувањето некако го чувствувам најоргански, највкусно. И убаво ми е тоа што пишувањето е апстрактно.

Неодамна ја промовиравте монографијата за вас, напишана од филмската критичарка Марина Костова. Зошто решивте да биде бесплатна и достапна за јавноста?

Монографијата ја работеше Марина. Јас гледав да не се мешам во тоа, затоа што сум предмет на книгата, а не автор. Мислам дека не е на место да влијаам. Им ја дадов на располагање мојата прилично богата архива, и од неа можеа да користат што сакаат. Тие решија да употребат многу и затоа книгата е огромна – има 650 страни. Мојата биографијата ја пишуваше Ирис Кронауер, германска историчарка. Има многу работи кои се случиле, а не се внесени таму. Нејзин избор беше што ќе влезе во книгата од сé што се случуваше при правењето на делата и при нивниот прием. Мислам дека ретко во која книга имам сретнато толку многу детали за тоа што се случува зад сцените, за продукциските односи и за тоа како филмовите се примани, како се правени и колку се мешаат политиката и финансиите во создавањето на едно дело. Мислам дека од тој аспект е многу поучна книга за луѓе кои сакаат да го разберат механизмот. Издавачите решија да биде бесплатна и достапна на интернет, а јас таа одлука ја поддржав со две раце, затоа што мислам дека е корисно, особено за млади луѓе кои почнуваат да се бават со тоа и што сето тоа значи. Сакав да видат дека тоа не е ниту едноставно, ниту пак е така розево како што изгледа. Треба многу и напор и време и енергија и битки ако сакаш да работиш авторски филм, без да правиш финансиски или политички компромис.

Што можеме да очекуваме од вас во иднина?

Спремам уште една книга фотографии и изложба, догодина. На Фејсбук објавувам дел од тие фотографии кои ми се интересен естетски експеримент. Дел од тие фотографии ќе бидат во книгата и на изложбата.

Имам сценарија кои се во рана фаза на развој и за тоа веројатно ќе треба повеќе време. Не верувам дека ќе се случи повторно да снимам во Македонија. Имам и разни белешки кои којзнае кога ќе излезат, сигурно не во следните години. Би сакал и повеќе да се занимавам со концептуала, бидејќи го имам запоставено тоа. Она што во последно време најактивно го работам е фотографирање. Секој ден сликам нтензивно. Не морам ништо да објаснувам, молчам и си сликам, на само.

Емилија Петреска

Стефанија Тенекеџиева