[Интервју] Ивана Давидовска: НМС ќе го унапреди статусот на младите во земјава

[Интервју]Ивана Давидовска: НМС ќе го унапреди статусот на младите во земјаваЌе се бориме за повеќе права за младите во Македонија, унапредување на нивниот статус, но и креирање политики за поголема вклученост на младите во општеството, вели Ивана Давидовска, претседател на Националниот младински совет на Македонија. Во интервју за Радио МОФ, Давидовска ја претстави работата на Советот, младинските проблеми, но и идните планови на организацијата формирана пред два месеци за да им помогне на младите луѓе полесно да направат промени во општеството.

Националниот младински совет на Македонија најави интензивна комуникација со институциите кои имаат надлежност за младинските прашања, но и борба за повеќе права за сите млади. Може ли поконкретно да ни објасните со што ќе се занимава НМС?

Националниот младински совет на Македонија работи да го унапреди статусот на младите во општество, да соработува со надлежните институции во процесите на креирање политики наменети за младите, да изготвува стратегии кои ќе служат како поддршка на имплементација на законските регулативи и активности кои ќе промовираат младинско вклучување и младински активизам преку младинска работа. Националниот младински совет на Македонија е чадор организација, претставничко тело на младите чија мисија е да ги претставува интересите и потребите на младите луѓе како врска со сите чинители и да обезбеди вклучување и активно учество на младите во процесот на донесување одлуки на секое ниво. Всушност НМСМ ќе работи на креирање и зацврстување на младинските политики, како партнер на инситутциите во процесите на консултација и донесување на одлуки поврзани со младите.

Кои се најголемите проблеми за младите во Македонија во моментот и како Националниот младински совет планира да помогне при нивно решавање?

Најголемите проблеми на младите се недостатокот на вистински можности тие да станат дел од општеството. На некој начин се очекува младите да станат дел од некој систем креиран од некои други генерации, без притоа да имаат можност да го доведат во прашање неговото функционирање и да ги стават во пракса нивните нови иновативни идеи. Затоа е потребно да се овозможат вистински механизми каде тие може да придонесат, без разлика дали е тоа на ниво на младинско учество, ниво на економија, ниво на култура, ниво на заштита на животна средина. Тоа подразбира вклученост на сите нивоа каде младите можат да дадат нова идеја и да ги постават новите принципи на функционирање, односно принципи кои ние како генерација ги гледаме како потребни. Тоа ќе значи поголема вклученост на млади, а од друга страна ќе значи поактивно спроведување на политиките на државата за сите нас како граѓани. Токму тоа е што НМСМ се труди да го оствари, преку своите активности, креирање политики, и вмрежување младинските организации.

Според податоците од Светска банка повеќе од 400 илјади луѓе се иселиле од Македонија, заклучно со 2010 година, голем дел од нив се и млади луѓе. Како да се задржат младите во земјава?

Мигрирањето и општо мобилноста се едни се јавуваат во речиси сите змеји. Важен аспект во овие процеси е како да се
За да се задржат младите луѓе во земјата, потребно е овозможување на можности за нивно самоисполнување и нивно создавање. Во земјава младите нема да се задржат заради романтичарско-патриотски побуди, туку најмногу заради можноста да создаваат, да креираат да креираат, да учат, односно да имаат шанса да го формираат својот живот онака како што сакаат. Главните причини поради која младите луѓе ја напуштаат државата се економски и затоа е потребно на младите да им се овозможи простор за вработување, за самовработување и други механизми кои ќе им дадат простор за самоисполнување. Добар пример е младинската гаранција на Европската Унија која што како политика дава право, сигурност и можност на секој млад човек, дека доколку во период од 6 месеци не најде работа, да се врати назад на образование или да се насочи на стажирање и не дозволува младите повеќе да останат без ангажман подолг период. Таков сличен механизам би дал простор и младите луѓе да видат поголема сигурност во домашните системи и да останат за заедничко градење на иднината на државата.

Формирањето на НМС беше поддржано од Европскиот младински форум, а остваривте и средба со вицепремиерот Фатмир Бесими. Како се одвива досегашната соработка со институциите и дали сметате дека тие ќе им дадат поддршка на вашите иницијативи?

Благодарни сме за поддршката која ја добиваме. Имајќи во предвид дека сеуште сме на почеток од основање засега соработката со институциите е на ниво на остварување почетна комуникација и средби, преку кои се согледуваат можности за натамошна соработка. НМС е отворен за соработка со сите институции кои работат на прашања поврзани со младите, на кои може да им ја понуди перспективата и мислењата на младинските организации и преку таквите процеси да оствари значаен напредок за истите.

Наша цел е воспоставување на структурен дијалог со сите значајни чинители и овозможување на нови перспективи на младинското поле, преку отворени консултативни процеси, вклученост и дијалог. Се надеваме дека во комуникација со институциите ќе успееме да најдеме заеднички јазик и ќе воспоставиме модели на ефективна соработка и дијалог.

НМС е основан од страна на 55 младински организации, организации за млади, сојузи и подмладоци на политички партии. Се плашите ли од евентуално партизирање на советот со оглед на тоа што и политичките партии се дел од него?

Една од целите на Советот е да ги застапува интересите на сите млади и токму затоа ја има оваа специфична структура. Членовите на НМСМ претставуваат најразлични групи на млади, што е гарант за ефективен и транспарентен дијалог за проблемите, предизвиците и можностите со кои младите се соочуваат.

Целта на НМСМ е да воспостави и модел за дијалог помеѓу различните чинители во младинскиот сектор, па токму дијалогот помеѓу младинските организации, сојузи на млади и подмладоците на политичките партии е од огромен потенцијал за создавање на генерации кои ќе знаат да се сослушаат, да си дадат поддршка и да работат заедно кон остварување на заедничките цели. Огромниот придонес кој сите организации го дадоа за да се создаде оваа чадор организација, отворениот и искрен пристап од сите вклучени и нивната грижа ова тело да стане дом за младинските организации и генератор на младинската идеја.

Финално Советот ги поставува дијалогот, транспарентноста и вклученоста како модуси за креирање на младинската политика и процеси на застапување.