[Интервју] Драган Спасов-Дац: Веднаш се менувам за една недела во средно

драган спасов дацАктер, советник, а од неодамна и поет. Но, она што најмногу го љуби е глумата, за која смета дека се пронашле еден со друг уште од мали нозе. Неговото последно филмско осварување е улогата во „До Балчак“ којшто тој едноставно го нарекува голем филм. Во разговор со редакцијата на „Медиум“, Драган Спасов – Дац зборува за неговите професионални ангажмани, за почетоците во актерските води, но и за сеќавањата кои го врзуваат со средношколските клупи.

Медиум: Кои се реакциите на најблиските и на публиката за „До балчак“ и за вашата улога го него? Дали сте задоволни од фидбекот што го дава публиката?

Дац: Им се допаѓа филмот и им се допаѓа мојата улога. Атрактивна е и верувам дека добро ја направив. Се јавуваат и ми кажуваат дека го гледале филмот и им се допаднал. Иако улогата е сепак една епизода.

Медиум: Каде, според Вас, повеќе лежи возбудата? Во тоа да се глумат емоции на сцена, директно пред очите на публиката, или во филм, каде што сѐ е сервирано однапред како еден вид уметнички пакет?

Дац: Јас кога почнав со оваа работа мислев дека само во филмови ќе глумам. Такво чувство имав, но ме излажа зашто тука слабо се снимаат филмови. Од друга страна, не бев дел од тие филмови коишто се снимаа тогаш. Но, правиот контакт со публиката е театарот – тука нема збор. Во театарот ја чувствуваш публиката, па дури и имаш трема при првата изведба, односно на премиерата. На филмот пак, јас отидов да ја гледам премиерата. Малку различно е. Како е снимено во филмот не зависи од тебе, како е монтирано, исто така не зависи од тебе. Може и воопшто да те нема во филмот, ако не му требаш на режисерот. Така што, филмот е комплетна друга работа од театорот.

Медиум: Да се биде актер е повеќе труд или талент?

Дац: Талент пред сѐ. Треба да се работи, без разлика на тоа колку многу е талентиран човекот, но за оваа работа талентот е многу важна работа. Тој што нема талент не може да глуми во театар. Но, во филм може. Зависи од режисерот, во филм може да игра речиси секој. Во театар, тоа публиката може да го забележи. Кога слушаш некој како пее, не може да те излаже. Ако имаш слух, точно знаеш кој пее добро, а кој пее лошо. Така и во театар се забележува.

драган спасов дацМедиум: Сметате ли дека постои театарска култура кај младите?

Дац: Па, она што забележувам во последно време е дека одат многу поретко во театар. Јас кога бев млад колку вас, јас одев, но и воопшто се одеше многу во театар. Таа генерација одеше и беше преполно. Сега оваа генерација што треба да оди е повеќе на интернет и излегува подоцна, а во мое време по претставата немаше ни каде да се оди, зашто по десет часот ништо не работеше. Сега па е обратно – сѐ почнува да работи по десет часот. Немам претстава зошто не доаѓаат во театар. Дури и некои луѓе кои порано оделе во театар, сега ми кажуваат дека не се ни сеќаваат кога за последен пат биле.

Медиум: Што е следно на Вашиот репертоар?

Дац: Следна е една приватна претстава, којашто ќе ја работиме со прекрасна екипа. Ќе играме четворица, двајца машки и две жени. Треба да излезе кон крајот на февруари. Друго ништо не кажувам!

Медиум: Кога би требало да се одлучите помеѓу добивање главна улога во претстава и враќање на една недела во средношколскиот живот и дружење со средношколските другарите, што би одбрале?

Дац: Се менувам веднаш! Ќе ја оставам претставата затоа што сакам уште една недела да бидам средношколец. Затоа уживајте додека сте средношколци.

Медиум: Која е Вашата порака до младите генерации?

Дац: Мислам дека премногу се седи на Фејсбук, Инстаграм и сѐ останато. Порано имаше многу повеќе движење. Јас не бев прибран дома, бев цело време по улица. Не дека „лутав“ и правев глупости, туку играв кошарка, школица, сервис, не е важно – сѐ игравме. Постојано возевме со нашите велосипеди. Дома се прибиравме само кога ни се јадеше и нормално, кога моравме да учиме. Арно ама, голем дел од младите само со телефоните седат. Прво нема муабет, цело време се со телефончето и само зјапаат во него. Второ, цело време се седи дома и со часови се губи време.

Целото интервју може да се прочита на овој линк.

 

Автор: Љубица Николовска, студентка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста