Инспиративни пораки од режисерите за Светскиот ден на театарот

Познатиот руски режисер Анатолиј Василиев – уметник на годината 2016 ја објави пораката по повод Светскиот ден на театарот, кој се одбележува на 27 март 2016. Годинава пораката од Макeдонија по повод овој ден ја упати режисерот Бранко Ставрев кој беше прогласена за театарски уметник на годината.

Двете пораки ги пренесуваме во продолжение:

Пораката на Анатолиј Васиљев за Светскиот ден на театарот – 27 март, 2016

Потребен ли е театар?
Се прашуваат илјадници разочарани театарски професионалци и милиони луѓе уморни од него.
Што ќе ни е?
Во годините кога сценското дејство е толку ништожно во споредба со плоштадите на градовите во земјите во кои се одигруваат трагедии од вистинскиот живот.
Што ни претставува театарот?
Позлатени балкони, кадифени седишта, валкани кулиси, измачени гласови или обратно – црни кутии, извалкани со кал и крв заедно со куп бесни, голи тела.
Што може да ни каже?
Се’!
Театарот може да ни каже се’.
И како боговите живеат на небо, и како затворениците скапуваат во пештерите, и како страста возвишува, и како љубовта погубува, и како добриот човек не е потребен и како измамата царува, и како луѓето живеат по станови додека деца венеат по кампови за бегалци, и како сите потоа треба да се вратат во пустината, и како заљубените се разделуваат. Театарот може да ни раскаже се’.
Театар имало и секогаш ќе има.
И сега, во последниве педесет или седумдесет години, тој е особено потребен. Затоа што од сите јавни уметности само театарот се случува од уста в уста, од очи в очи, од раце в раце, од тело – кон тело. Нему не му треба посредник меѓу човек и човека – тој не ја претставува најпровидната страна на светлината, не светлината од југ, или од север, од исток, или од запад – туку светлината сама по себе, што свети од сите четири страни и која е лесно препознатлива за секој човек, без разлика дали е непријател или добронамерник.
Театарот, потребно е да e различен.
И од многуте и најразлични форми на театар токму архаичните ќе бидат наjискористувани. Ритуалниот театар не смее вештачки да биде поставен, наспроти театарот на „цивилизираното општество“. Светската култура се повеќе и повеќе се обезличува, таканаречената „културна информација“ постепено ги заменува едноставните суштини и нашето можно запознавање со нив.
Театарот е отворен. Влезот е слободен.
Во бестрага со игриците и компјутерите – одете во театар, зафатетите ги местата во партер и на балкон, заслушајте се во зборовите и загледајте се во живите „слики“ – пред вас се случува театар, не го занемарувајте и не го пропуштајте за време на својот брз живот.
Театарот е потребно да е секаков.
Само еден театар е непотребен. Тоа е театарот на политичките игри, театарот на политичките стапици, театарот на политичарите, политичкиот театар. Театарот на секојдневниот терор – личен и колективен, театар на трупови и театарот на крв на улиците и плоштадите, во главните градови и провинциите, меѓу религиите и етникумите.

*Превод од руски јазик: Дејана Николовска

Фото: Сречко Гунчев

Македонската порака на режисерот Бранко Ставрев : Овде и сега – Hic et Nunc

Од денот кога Јан Кот ја обелодени вистината за Шекспир како наш современик, до оваа меѓународна ноќ на театарот, ништо повеќе не беше како што било пред тоа.

Се кренаа големи душмани, прав, жестоки претпоставки, дека Вилијам би се превртел во гробот кога би знаел дека во неговите херои модерниот театар се препозна себеси и своето време …

Но откопаната могила на творецот на вечниот Глоб, зјае празна, бидејќи генијот одамна беше воскреснал (точно пред четиристотини години) и не е чудо од недофатливите сфери на универзумот френетично да му аплаудира на театарот, токму поради фактот што во неговото вчера и таму, храбриот театар го препозна своето овде и сега.

Но во ова најново сега и овде, гледаме крвав театар во кој “невестата на пустината„ е срамнета со земјата; терористи сечат човечки глави и се чепатат на екраните на умниот Интернет; го уриваат само она милениумско културно наследство што не се продава на црниот светски пазар; милиони страдалнички семејства во старозаветен мизансцен се влечкаат по шините на возовите-убијци или пловат товарени како добиток врз импровизирани кораби. Оние што имаат малку повеќе среќа да не се удават во разбеснетиот Егеј, стасуваат на античко тло за да чемреат во логори крај граница што го носи името на мајката што го роди Спасителот.

Бегалците си го одземаат говорот шиејќи си ги устите, седат во кал, за да предизвикаат милост што ќе им го отвори патот кон замаглената цел, пат по кој европски скании ја крстосуваат Европа товарени со тони европска бодликава жица, за да ги закрепнат границите на Европа без граници.

Го гледаш ова и овде и не ти се верува дека е сега.

Ќе беше можеби подобро годинава да славиме 452 години од раѓањето, одошто 400 години од смртта на Шекспир. Можеби така немаше да ја предизвикаме судбината, која сега и овде бесно ги разлистува неговите собрани драми.

Да живее хаосот вреска Тимон од Атина. Верата во боговите, правдата, вистината, мирот, комшилукот, ноќниот одмор, образованието, доброто однесување – нека потонат во збрка од остри спротивности … Ножевите в раце и гркланите на доверителите пресечете им ги. Крадете слуги! Деца, не слушајте никого …

Ќе дојде така што човештвото нужно ќе се јаде себе, ко рибите на дното. О, ровјо ти што тресеш се`, сплескај ја дебелата тркалезност на светот! Распукај го човечкиот калап … Ко муви за игра, на децата, сме ние за Боговите! … што ржите ртки што не сакате ни војна, ни мир? Не сте посигурни од жар јагленов или од град на сонце … Само знаете арамиите тешки со чест да ги коткате, пцуејќи ја правдата … зар не ви личи ова на овде и сега? Повторно сме во „Лир“, во „Јулиј Цезар“, во „ Кориолан“, во уводната сцена на „Ромео и Јулија“, одново Капулетите и Монтеките се колнат над мртвите тела дека ќе ја укинат омразата и ќе ја трампаат за љубов.

Што мислите, може ли театарот со „добра игра“ да ги надополни недостатоците на драмата? Недоразбирањата, протестите, митинзите, делбите – му ја одземаат силата на театарот. Кризата низ која минува ова овде и сега е се подлабока. Отворена е кутијата на Пандора, на улицата ни се „окотува волчица“. Трагичното овде и сега ќе бара од театарот одново и одново да ја преиспитува сопствената функција. Очебијно е дека ќе му биде потребна огромна енергија за да одговори на судбоносното прашање:

Што да се прави кога реката на животот се излеала од коритото и ги поплавува сите надежи?

Театарот ќе мора овие потресни библиски фрески и гротески и сите други настани од споулавениот уличен театар на нашето неспокојно катадневие да ги внесе во својот храм, каде што им е местото, и да им го подметне старото Хамлетово огледало на природата, кое на доблеста и овој пат ќе и` ги покаже нејзините црти, на презирот неговата слика, а на самиот век и тело на времето, нивниот облик и отпечаток.

Да излеземе сите од зимата на нашето незадоволство, и да влеземе во пролетта на театарот, каде што нетрпеливо не чека нашиот Дионис.

Но и Аполон, конечно!