Државните инспектори за животна средина, за шест месеци, во периодот од јули до крајот на 2021 година, изрекле девет парични казни во вкупна висина од 380.000 евра. Три од казните, две за Булмак од Пробиштип и една за Бучим од Радовиш, се по 100.000 евра, објави Мета.
Директорот на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Сретен Стојковски денеска информираше дека Инспекторатот во овој период направил вкупно 1.171 инспекциски надзор и открил 233 неправилности или законски повреди. Како резултат на тоа, издадени се девет платни налога за правни субјекти, два за одговорни лица, еден за физичко лице и покренати се пет постапки за спогодување.
Освен Булмак и Бучим, казнети се и Боров Дол од Радовиш со 40.000 евра, Индиго Хидро Македонија (МХЕ) со забрана за работа и санкција од 18 до 20.000 евра, Радика Резорт Маврово со 18 до 20.000 евра, ЈКП Охридски Комуналец (Буково) со 9.200 евра и физичко лице од селото Алдинци со 600 евра.
Стојковски информира дека бројот на планирани надзори е надминат за над 36 отсто, а во најголем дел се работи за вонредни контроли. Во заеднички активности со Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат, спроведени биле 68 вонредни инспекциски надзори во правни субјекти и физички лица кои постапуваат со отпад во 12 градови. Инспекторите изготвиле 28 решенија со задолженија, 18 со забрана за работа, три постапки за спогодување за правни субјекти и три казни за физички лица по 250 евра.
Во вторите шест месеци од минатата година инспекторите добиле вкупно 165 претставки од граѓани, од кои 36 биле наменети за инспекторите во ДИЖС, а 129 претставки за општинските инспектори за животна средина и комуналните инспектори. Најчесто претставките се однесувале на управување со отпад, палење на отпад и стрништа на јавни површини, чадење од оџаци на куќи, бучава од угостителски објекти и друго.