Илона Олехлова од Чешка дошла во Македонија како ЕВС волонтер пред четири години. Досега има работено на многу проекти и иницијативи овде и во други земји, и вели дека волoнтерството и донело многу искуство, дружба и поинаков поглед на светот.
По повод 5 декември, Интернационалниот ден на волонтерите, во интервју за РадиоМОФ зборува за волонтирањето и позитивните и негативните нешта кои ги носи.
Кога почна да волонтираш? Кој беше првиот проект во кој се ангажира како волонтер?
Мојот прв проект како волонтер беше кога бев средно училиште и работев на настан за запознавање на различни култури во градот, и преку тој проект имав можност да стапам во контакт со различни луѓе и организации кои имаат потреба од волонтери. Тогаш почнавме да помагаме на различни фестивали поврзани со меѓукултурно искуство. Тоа беше првиот настан на кој се запознав со концептот на волонтирање, претходно не знаев што точно значи да се волонтира. Научив дека можам да иницирам различни нешта со нови луѓе, и тогаш започна сé .
Во Македонија си веќе неколку години. Досега ги имаш организирано настаните за запознавање „Ќе дојдееш ли на рандеву?“, две изданија на „Жива библиотека“, а си работела и во повеќе центри како ЕВС волонтер. Зошто токму Македонија? Која е причината поради која живееш и работиш овде?
Во Македонија дојдов како волонтер на Европскиот волонтерски сервис и на почетокот работев во Дневен центар во Шуто Оризари. Потоа некое време живеев и работев во Косово, па пак се вратив тука. Овде соработувам со повеќе невладини организации и иницијативи. Причината која ме задржа беше комбинација од љубовна врска и Балканот. Секое место има нешта поради кои многу ти се допаѓа или не ти се допаѓа, но за мене овде е интересно бидејќи има убава мешавина од луѓе. Живеам неколку месеци тука, неколку месеци во Чешка и многу патувам. Кога некој ќе ме праша зошто сум овде и зошто не сакам да си одам дома, секогаш велам дека живеам овде, но на многу поразличен начин од другите.
Од друга страна, ни во Чешка не е сé совршено. И таму има еден куп проблеми. Во Македонија можеби е полошо на општествен план, но во случајов „тревата не е зелена ни од другата страна“. И овде има интересни луѓе и нешта на кои може да работиш. Треба само да се потрудиш и да направиш нешто добро за другите и за себе.
На какви сé проекти си волонтирала досега овде?
Овде работев на проекти на локално ниво: во Дневен центар во Шуто Оризари и на многу проекти во рамки на програмата Млади во акција. Освен тоа сум вклучена и во разни други иницијативи кои ги работам со елан. Еден таков настан е Жива библиотека, кој се одржува овој викенд. Таму учествував најмногу со цел да се запознаам со градот и луѓето во Скопје, бидејќи така најдобро можеш да го запознаеш и засакаш местото во кое живееш.
Која е мотивацијата да се вложиш себеси за некоја кауза, а да не добиваш многу материјално за возврат?
Материјалното богатство не е сé. Кога работиш како волонтер, работиш за многу повеќе од материјалните добра кои би можел да го добиеш. Добиваш многу искуство и шанса да запознаваш со луѓе кои никогаш не би ги запознал на друго место. Преку волонтирање, се запознав со многу луѓе од сите страни на Европа. Имам пријатели од Полска и Латвија и пред две години направив интернационална журка во мојот дом во Чешка, на која дојдоа десет луѓе од десет различни држави. Моите родители се чудеа што сите тие луѓе сум ги запознала и сме комуницирале само преку Фејсбук.
Но, истовремено, поентата на волонтерството не е некој некого да искористува. Многу често на волонтерите се гледа само како на начин да се заштедат средства.
Од перспектива на волонтеризмот, за што сметаш дека треба најмногу да се придонесе во Македонија?
Мислам дека најважно за волонтирањето овде е да се работи на квалитетни активности. Не треба само да се организираат нешта и да бараш волонтери кои потоа ќе ги експлоатираш. Организаторите на проекти треба навистина да се грижат за своите волонтери, да нудат квалитетни активности и поддршка. Не треба да се гледа на волонтерите како на луѓе што ќе завршат некоја работа, а за тоа нема да земат пари, туку треба да ги се поддржат и мотивираат.
Освен тоа, треба и да се признава волонтерското искуство при потрага за работно место. Треба работодавачите да се усогласат за тоа дали волонтирањето е навистина искуство кое помага при наоѓањето на работно место. Мислам дека најголем проблем во Македонија е што нема разлика меѓу волонтирање и експлоатација на работна сила. Кога јас работев на локални проекти овде, се сретнав со многу примери кога луѓе сакаа да волонтираат, но не можеа да си дозволат да плаќаат автобус и храна од свој џеб. Не треба луѓето да очекуваат дека некој ќе волонтира кога нема услови за тоа.
Кои се лошите, а кои добрите страни во тоа да се биде волонтер?
Откако дојдов овде како ЕВС волонтер, заборавив како е да се живее во Чешка. Така да, би можело да се каже дека сега не знам како да водам нормален живот дома. После години живеење во друга земја, животот ти е сменет и тешко е да се аклиматизираш кога се враќаш. Со некои луѓе губиш контакт, но секогаш запознаваш нови и си во некаков баланс.
Првата мотивација секогаш е да направиш поубав и подобар свет за себе и другите, но со тек на времето сфаќаш дека во реалноста ништо не е така весело и едноставно и ти паѓаат „розовите очила“. Сакаш да работиш, но дознаваш дека многу нешта не зависат од тебе и иако сакаш да направиш голема промена, мора да одиш чекор по чекор. Не можеш да очекуваш дека за кратко време нешто ќе се смени. За тоа треба многу време и енергија.
Од друга страна, добиваш многу. Можеби не е многу значајно за другите, но кога јас дојдов овде како ЕВС волонтер и работев со деца, не ја сакав таа работа. Не знаев како да се однесувам со толку мали деца. Но кога поминувам да ги посетам во Дневен центар Шутка, и кога ќе ја видам нивната насмевка и енергија, сфаќам дека тоа е најважно – дека некој ме памти по мали нешта кои сум ги направила за него.
Родум си од Чешка, а овде живееш веќе неколку години. Што ти се допаѓа овде, а што ти е тешко да прифатиш? Колку е чешкото општество поразлично од нашето?
Прво ќе кажам што е исто за Македонците и Чесите: сите премногу се жалиме. Не е важно каде си, секогаш ќе наоѓаш нешто што ти пречи. Сите бараме друг виновник за нашите проблеми.
Во Македонија е поразлично тоа што има повеќе дискриминација врз жените. Многу пати сум забележала, како млада жена, дека луѓето овде не ме почитуваат и покрај искуството кое го имам во тоа што го работам.
Колку е развиена свеста за волонтирањето кај нас, и дали има разлика меѓу Чешка и Македонија на тој план?
Овде волонтирањето не е толку развиено, најмногу затоа што нема многу поддршка од локалните институции. Треба и општините да соработуваат, дури и кога проектите се на амбасадите или невладините организации. Ова е проблем и во Чешка, но во последно време се забележува некоја позитивна промена. Патем, кога зборувам за поддршка, не мислам само на финансиска, туку и на логистичка. Разлика има и во тоа што во Чешка сé повеќе луѓе преземаат иницијатива. Кога нешто не ми се допаѓа, не чекам некој друг нешто да смени, туку предлагам идеја и преземам одговорност.
Еве и едноставен пример од секојдневието: сите негодуваме за загадувањето, за нечистотијата околу нас, но никој ништо не презема за тоа. Треба да почнеме од себе, а не да чекаме некој друг да ни ги поправи нештата. Таа ангажираност е малку поголема во Чешка, отколку овде.
Што би им порачала на луѓето кои сакаат да волонтираат, но се двоумат?
Вреди секој барем да проба. Дури и да имате лошо искуство, сепак е искуство. Сé што правите, правите за себе, но и за светот околу вас. Доколку нешто не ви чини, секогаш можете да побарате одговор од некој што може да ви помогне. Затоа, обидете се и прашајте. Ако си млад, не значи дека секогаш треба да бидеш послушен и да велиш „Да“.
Стефанија Тенекеџиева