Илјадници рејвери ќе танцуваат утре низ улиците на Лондон

Над 2,500 луѓе планираат да танцуваат утре низ улиците на источен Лондон, со што ќе побараат од Владата на Велика Британија да го прекине ткн. прогон против движењето за слободна забава, се вели во официјалниот Фејсбук настан.

Според законот, полицијата може да затвори забава на која има повеќе од 20 луѓе на отворено, или забава на којашто се користи нелиценцирана опрема и има прегласна музика. Меѓутоа, поради напорите кои и се потребни на полицијата за да прекине голема забава и можноста да се претвори во насилен судир, властите најчесто дозволуваат да продолжи забавата.

Организаторите, кои се претставуваат со името „Acid City“, очекуваат утрешниот марш да помине мирно.

„Ова ќе биде за паметење, нека знаат дека мислеме на мир, љубов, заедништво и почит. Се што сакаме да правиме е да танцуваме“, пишува во настанот.

Организаторите ги потсетуваат луѓето на маршот на рејверите во 1990 година, кога илјадници танцуваа на Trafalgar Square, во знак на протест на законите против рејвовите.

„Сега наше време е, како нова генерација, да го вратиме нашето право во андерграунд сцената. Борете се за она во што веруваме, дозволете и на Ториевската влада да го сфати нашето движење и култура, и причината поради која ја сакаме заедницата за слободна забава“.

Минатата есен, полицијата се судри со група рејвери кои се обидуваа да присуствуваат на нелегална забава, организирана на Ноќта на вештерките во централен Лондон. Според полицијата, осуммина биле уапсени по престрелка што траела шест часа. Scum Tek, организатор на забавата, тогаш изјави дека полицијата придонела ситуацијата да се влоши, бидејќи одбила да соработува.

„Acid City“ ги повикуваат граѓаните да присуствуваат, во што поголем број, на утрешниот марш и да си понесат со себе преносни звучници.