Игор Лозаноски со „Исповед на еден телевизор“ ја доби наградата „Новите!“ за 2020 година

Игор Лозановски за збирката „Исповед на еден телевизор“ е добитник на наградата „Новите!“ за 2020 година, одлучи жирито на доделувањето на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис.

Од вкупно пристигнатите 24 ракописи во потесниот круг за наградата влегле ракописите на шест автор(к)и: Стефан Алијевиќ, Ангела Бошкоска, Ива Дамјановски, Игор Лозаноски, Мила Ноневска и Никола Кузелов.

Книгата на Лозаноски беше прогласена за најдобра од жирито во состав: Фросина Крушкаровска, Алекс Букарски и Давор Стојановски.

„Исповед на еден телевизор“ претставува збирка од 25 куси раскази обединети или и проникнати од една клучна тема или расположение: отуѓеноста на модерниот човек во општество кое постепено и видливо се распаѓа, првенствено под растот и тиранијата на технологијата.

„Во таквото општество технологијата го зграпчува и парализира не само вниманието туку и идентитетот, туку ги претвора корисниците (некогашните „граѓани“) во безлични школки во кои шуштат комуникациски шумови, а се ослободени од одговорност, учество, заедништво, смисла, увид… Во таа смисла, расказите на Лозаноски веродостојно ги рефлектираат тегобноста и неснаоѓањето не само на младите луѓе во нашиот град и држава, туку и пошироко. Пандемијата само го засили тоа пленетарно чувство на тегобност, мошне присутно во книгата „Исповед на еден телевизор“. Ликовите во расказите на Лозаноски колажно се врзуваат, со што се создава некаков каталог на ликови, неретко стереотипизирани и безлични – но на тој начин потенцирајќи ги некомуникабилноста, атомизираноста и инерцијата на меѓучовековите релации. Во куси, отсечни реченици, ослободени од украси, авторот ги соочува читателите со баналното секојдневие на таа менажерија од ликови, вградувајќи го и својот авторски глас во таа невесела атмосфера. Ликовите трпеливо ги загребуваат и осознаваат околината и градот, се обидуваат да учествуваат во тешко предвидливите промени, но всушност ненамерно ги помагаат истите фактори од кои се турнати во безнадежност“, стои во образложението за наградата.

„Градот во кој се случуваат расказите наликува на Скопје, но можеби е тоа некакво малку изместено, дистописко Скопје. Зад индивидуалните драми кои немо се расплетуваат – некои од нив директно инспирирани од нашата мачна пандемиска сегашност – тлее тегобна атмосфера на општество кое налудничаво се фрагментира и затвора. Лозаноски би можел во иднина, ако продолжи да пишува проза, да надмине одредени слабости, јазички, стилски, драматуршки, и да биде поотворен кон играта, експериментот и понеконвенционалните стилски решенија (кои би требало да бидат суштина на секоја уметност, па и на книжевноста). И покрај слабостите, горе-долу очекувани за еден дебитант, расказите од збирката „Исповеди на еден телевизор“ за нијанса се издвоија од другите пет најдобро оценети ракописи“, се додава.

Игор Лозаноски е роден на 07.02.1990 година во Скопје. Дипломирал на Економскиот факултет на катедрата за Менаџмент на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Работи во приватна фирма во друга струка. Со поезија и проза аматерски почнал да се занимава од десет години, за веќе на тринаесет години да знае дека е на вистинскиот пат и дека тоа е неговиот сон. Првите почетоци се во 2006 година кога негови песни се објавени во средношколскиот училишен весник Орце Инфо. Досега ги има објавено збирките поезија Така дуваше ветерот – Барок и романтизам (2018) и Плодови на минатото (2020)

Застапен е во повеќе македонски антологии и книжевни списанија, како Раст, Современост, Книжевни Елементи и други. „Исповед на еден телевизор“ е прво негово прозно остварување.

Издавачката куќа „ТЕМПЛУМ“ по петнаесетти пат го распиша конкурсот „Новите!“, за најдобар прозен дебитантски ракопис на македонски јазик.

Целта на наградата е да ги промовира и афирмира новите автори во македонската книжевност, новите тенденции во литературата, новите поетички начела, новиот пристап, новиот начин на организирање во сферата на литературата, новите обиди книжевноста
да стане општествено повлијателна во секоја смисла: културно, пред сè, но и економски и медиумски…

Досегашни добитници на наградата „Новите!“ се: Алекс Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон, Кирил Минанов, Дејан Мирчески, Драган Георгиевски, Михајло Свидерски, Сања Михајловиќ Костадиновска, Ѕвездан Георгијевски, Гето Руди, Дејан Василевски, Андреј Ал-Асади и Ирена Јурчева.