И музеите во Париз најавуваат забрана за држачите за селфи

Музеите во Париз ставаат „бан“ на правењето селфи со помош на популарните држачи кои овозможуваа фотографирањето да се прави од одредена далечина.  Музеите во еден од најпосетуваните градови на светот се одлучиле за овој чекор поради опасноста што „стаповите за селфи“ ја имаат врз посетителите и бесценетите уметнички дела.

Во внатрешноста на Версајскиот дворец, чуварите почнале да им кажуваат на посетителите да ги држат понастрана телескопските држачи кои им овозможуваат на корисниците да направат далечинска фотографија на својот смартфон. Формално забраната ќе биде воведена во рок од неколку недели, а овој чекор ќе го следат и други културни знаменитости во Париз.

Раководството во Лувр, најпосетуваниот музеј во светот, гледа со загриженост на се поголемата употреба на телескопските држачи кои се движат наоколу со далечина од десетина сантиметри од непроценливите слики.

Центарот Помпиду, во кој се сместени современи уметнички слики размислува за забраната, но одлуката се уште не е донесена, изјавуваат од менаџерскиот тим за France24.

Неколку поголеми музеи низ светот годинава донесоа забрана за користење на телескопските држачи вклучувајќи ги и националните музеи Смитсониан во Вашингтон, МоМА во Њујорк и Националната галерија на Австралија во Канбера.

Овие мерки биле превземени по појавувањето на евтините телескопски држачи кои се продолжуваат и до метар и половина и кои станаа светски тренд.

Во Париз нивната забрана ќе има значително влијание. Градот на светлината е најпосетуван град во светот и е примарна дестинација на фановите за уметност и историја. Лувр, Версај, Помпиду и музејот Орсеј  заедно привлекуваат повеќе од 20 милиони посетители годишно.

Музејот Орсеј во Париз, забранува секаков вид на фотографии во внатрешноста. Многу други музеи овозможуваат фотографирање без блиц, а речиси сите забрануваат внесување  тешки предмети, како долги чадори, детски колички и големи ранци.