Скопските општини Центар и Карпош водат во загаденоста на воздухот со ПМ10 честички, покажуваат мерењата од девет часот објавени на веб страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање кои се обновуваат на неколку часа.
Освен во овие две општини, високо количество на овие честички се забележува и во Тетово, Велес, Кочани и Кавадарци.
На неделно ниво пак во скопскиот регион најзагaдено е Лисиче. Овде се забележува и пет пати поголемо количество од максимално дозволеното на концентрацијата на ПМ10 честичките.
Како најголеми загадувачи на воздухот надлежните ги посочуваат големите индустриски капацитети, издувните гасови од автомобилите и начинот на греење кај домаќинствата и градежништвото.
ПМ10 честичките се помеѓу најштетните загадувачки супстанции во воздухот кога се во голема концентрација. Штетните честички се емитуваат во атмосферата од голем број на извори како издувниот систем на возилата, греењето во домаќинствата, индустриските процеси, електраните, согорувањето на земјоделскиот отпад, согорувањето на отпад од дворовите и шумските пожари.