И Архитектонскиот факултет одлучи дека предлог моделот за студентско организирање не е решение за проблемите

Ставовите на професорите од Архитектонскиот факултет при УКИМ се усогласија со оние на Правниот и ПМФ. Предлог моделот за студентското организирање, кој претходно го усвои ректорската управа, не претставува трајно решение, а ниту пак, ги решава сегашните проблеми.

На денешната седница на Наставно научниот совет на Архитектонскиот факултет се зборувало за проблематичноста на овој модел, бидејќи ако Студентскиот парламент остане како невладина организација во рамки на универзитетот, со тоа би се погазиле статутот на УКИМ, како и Законот за високо образование.

Покрај ова, на седницата се дискутирало и за проблемите кои настануваат поради нефункционирањето на СПУКМ, а се споменале и начинот на кој се спроведоа изборите за претседател на Парламентот, како и акцијата на ЕБР против насобраните студенти пред седиштето на организацијата.

На седницата учествувал преставник од Студентскиот пленум, кому му било дозволено да ги претстави нивните ставови. Тие од самиот почеток сметаат дека Парламентот треба да биде тело на универзитетот за да се избегнат понатамошни злоупотреби и манипулации во неговата работа.

Претходно, предлогот го отфрлија Природно-математичкиот факултет и Правниот факултет „Јустинијан Први“. Останува да се изјаснат уште 20 факултети, а потоа прашањето за моделот на организирање ќе биде презентиран пред Сенатот.