Хрватски детски филмови во Кинотека на Македонија

Во Кинотека на Македонија од 9 до 16 јануари ќе се одржи ревија на филмови за деца од хрватската кинематографија.

„Хрватските детски филмови се присутни во хрватската кинематографија многу често како екранизација на веќе постоечки книжевни успеси. Но, самата застапеност не би била доволна доколку тие не припаѓале на самиот врв на уметнички успешните филмови, за денес да бидат класици на хрватскиот филм и како такви да не биле прифатени од младата публика и критика“, посочуваат од Кинотека на Македонија.

Затоа ,за почетокот на Новата 2019 година, Кинотека на Македонија за младите филмофили подготви ревија на неколку хрватски детски филмови, но и изложба на филмски плакати насловена „Детски поглед“.

Според најавите, ќе бидат прикажани филмовите: „Брканица по моторот“ во режија на Бранко Мајер (на 9 и 10 јануари), „Пико“ во режија на Среќко Вејганд (9 и 10 јануари), „Синиот галеб“ на Бранко Бауер (11 јануари), „Дружината на Перо Џумката“ во режија на Владимир Тадеј (11 и 12 јануари), „Волк самотник“ на Обрад Глушчевиќ (12 и 14 јануари), „Капетан Микула Мали“ кое е уште едно остварување на Обрад Глушчевиќ (15 јануари) и „Тајната на стариот таван“ во режија на Владимир Тадеј (16 јануари).

Изложбата на „Детски поглед“, пак, на македонската публика ќе и прикаже 21 плакат за 24 долгометражни и краткометражни филмови создадени во периодот од 1953 до 2006 година. Тие се дел од збирката филмски плакати на Хрватската кинотека која го собира речиси целиот придружен филмски материјал на сите долгометражни филмови настанати во хрватската продукција од 1944 година до денес .

„Претставените плакати со своите визуелни решенија не само што успешно го промовираат филмот за кој се направени, туку и зборуваат за стилот на времето во кое се создадени. Освен во стилот, се разликуваат и во техниката, од цртежи, колажи и фотографии до комбинација на повеќе техники во кои се испробале ликовни автори за да го остават својот печат во таа применета форма. Меѓу многумината непознати автори можат да се најдат и дела на мајстори на стрипот како Фердинанд Бис, Андрија Мауровиќ, Мирко Илиќ и Радован Домагој Девилиќ“, додаваат од Кинотека.

Целосна програма со детални информации ТУКА.