„Хронично труење со арсен“ – промовирана брошура за отровната вода во Гевгелија

Што е арсен, кои се извори на експозиција, кои се ефектите на арсенот врз здравјето на луѓето, кои се симптомите-знаците на арсеникоза, заболување од долгорочна изложеност – труење со арсен, се дел од темите во брошурата „Хронично труење со арсен“ што синоќа беше промовирана во Гевгелија.

Автор на брошурата е проф. д-р на медицински науки, педијатриски нефролог и активен професор на Медицински Факултет во Скопје, Дафина Кузмановска.

„Арсен е природно присутен во подземните води на голем број земји. Во неорганска форма арсен е многу токсичен. Во Гевгелија нема море, нема школки за да очекуваме органски арсен, туку станува збор за неоргански арсен кој е најтоксичен, а потекнува од карпите на Кожув од каде подводните води го понесуваат со себе се’ до извориштето за водоснабдување.
Од аспект на јавно здравје, најголем е ризикот од контаминираната вода за пиење/приготвување на храна/наводнување. Особено долготрајната експозиција на арсен преку водата за пиење и храната која може да доведе до канцер и кожни лезии. Болеста која настанува како резултат на хронична експозиција на арсен над дозволените концентрации, во пролонгиран период (минимум 6 месеци, но најчесто 5-20 години) се нарекува арсеникоза. Исто така хроничната експозиција може да предизвика низа развојни пореметувања, кардиоваскуларна болест, невротоксичност и дијабетес.

Најважниот чекор во засегнатите заедници, како што е Гевгелија, е да се спречи понатамошната експозиција преку обезбедување “безбедна“ вода, во согласност со позитивната законска регулатива“, истакна во своето обраќање пред гевгеличани професорката Кузмановска.

Брошурата е направена како резултат на соработката на професорката Кузмановска со Граѓанската иницијатива АРСЕНА од Гевгелија која подолго време се ангажира околу подигнувањето на јавната свестза опасностите од присуството на арсенот во градската водоводна мрежа во Гевгелија.

Во брошурата се наведени и илустрации за симптомите на арсеникозата кои најпрво се манифестираат на кожата во вид на хиперпигментација (меланоза), или во форма на локализирани дамчести пигментации, пигментни промени кои се споредуваат со капки од дожд -„rain-drop pigmentation“. Пигментни промени може да се присутни и во слузокожата на устата. На ноктите се јавуваат беличасти дисколорации во форма на линии. Сепак најсензитивниот знак за арсеникоза се хиперкератотичните лезии (задебелувања на кожата), кои се јавуваат на дланките и табаните. Кожните промени се јавуваат по експозиција од минимум 5 години и може да се претходници на појавата на кожен канцер.

Од светските примери, еклатантна е состојбата во Кина (Тајван) каде експозицијата на арсен се поврзува со т.н. болест на “црни нозе“ , тешко заболување на крвните садови кое води кон гангрена. Ваква манифестација засега не е забележана во други делови на светот.

„Водата од бунарите кај Моин во Гевгелија е забранета за употреба од септември 2012 година. Досега гевгеличани се неоправдано и незаконски изложени на овој отров повеќе од 3 години и пет месеци. Според табелата која ја приложи проф. Кузмановска во брошурата според податоци од Научната Академија на САД при концентрација од 15 до 20 микрограми арсен колку што има во гевгелиската вода, ризик од рак има едно лице на секои 250 жители во Гевгелија, што е сериозна бројка за загриженост“, рече на промоцијата Јованка Дојранлиева, основач на Граѓанската иницијатива АРСЕНА и претседател на ЗГ „ПАТОКАЗИ“.

Гевгеличани побараа да се поднесе претставка до Уставен суд на Република Македонија незадоволни од тоа што јавното комунално претпријатие им наплаќа, а не им испорачува  чиста вода за пиење.

Брошурата „Хронично труење со арсен“ е дел од проектот „ Здрава вода за пиење за Гевгелија и населените места “ што го спроведува Здружението на граѓани „ПАТОКАЗИ“ Гевгелија, а е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го реализира Фондацијата Отворено општество – Македонија.