ХОПС алармира на недостигот од програми за третман на деца што употребуваат дроги

Здружението „ХОПС“ преку нова кампања продолжува да алармира за сериозноста на проблемот со недостатокот на програми за третман ресоцијализација и рехабилитација на децата кои употребуваат дроги, со што би им се овозможила нивна целосна реинтеграција во општеството.

„Загрижени сме за динамиката со која Министерството за здравство работи на подготовка на протокол за третман на деца кои употребуваат дроги, кој е во изработка од 2012 година и се уште не е усвоен. Иако состојбата со бројот на децата кои употребуваат дроги секоја година се влошува, не постои соодветен одговор на надлежните институции преку отварање на интегрални програми кои покрај третманот ќе вклучуваат и програми за ресоцијализација и рехабилитација, а во кои ќе биде вклучен кадар со обука и образование соодветен на потребите на овие деца“, смета Христијан Јанкулоски, извршен директор на „ХОПС – Опции за здрав живот Скопје“.