ХЕРА: Како е можно трагите од насилство да се видливи само во Ургентниот центар?

Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА бара одговорност од институциите и најостро го осудува случајот во кој 20-годишна мајка и нејзиното 14-месечно бебе се брутално претепани од блиски роднини.

ОД ХЕРА ги прашуваат одговорните институции зошто порано не преземале мерки на заштита и безбедност за детето и мајката имајќи предвид дека мајката е корисник на социјална помош поради што морала редовно да се обраќа до Центарот за социјални работи. Зарем е возможно никој во надлежните институции да не забележал траги од насилство врз неа и врз нејзината ќерка, прашуваст од ХЕРА.

Тие бараат Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа и Основното јавно обвинителство најитно да ги утврдат причините за насилството и да покренат постапки за санкционирање на сторителите.

„Жртвите на насилство мора да добијат постојана и соодветна медицинска помош и психо-социјална поддршка во подолг временски период. Надлежните мора да го проценат ризикот по безбедноста и да обезбедат и засолниште доколку е потребно. Со оглед на тоа дека мајката е пуштена на домашно лекување, ги прашуваме надлежните зошто повторно не е направена проценка за безбедна средина и каде жртвата ќе се врати по напуштањето на болницата?“, стои во соопштението на ХЕРА.

Додаваат дека секој регистриран случај на семејно и родово-базирано насилство укажува на неопходноста од превенција и намалување на штетите.

Пред два дена, во Ургентниот центар во Скопје,  20-годишна мајка донесе тешко повредено 14-месечно девојче, а отворена е истрага за тоа што се случувало со детето. Мајката, која и самата била повредена е корисник на парична помош на лице кое до 18 години возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа.