ХЕРА: Една година од ускратувањето на женските права

Денеска се одбележува една година откако започна постапката за промена на Законот за прекинување на бременоста и една година од протестите на кои жените јавно и револтирано се огласија стоејќи зад нивното правото на избор. Иако укажувањата за негативните страни беа гласно кажани, рестриктивниот закон беше донесен, потсетуваат од Младинската група на организацијата ХЕРА.

ХЕРА: Една година од ускратувањето на женските права

Од ХЕРА велат дека некои медиуми пренесувале пораки од Министерот дека не постојат поголеми и позначајни промени во законот за абортус и дека има само некои дополнувања и корегирања на терминологијата на истиот.

– Меѓутоа, тоа беше далеку од вистината со која се соочивме, а токму затоа можеби и треба да се наведат некои од тие “дополнувања” на малкуте дупки во законот. Статистиката покажува дека секоја година бројот на извршени абортуси во Македонија се намалува, па од таму и прашањето која е основната цел на законот. Со новиот закон ни се наметнува задолжително време на чекање од 3 дена по советувањето на жената кое има за цел да се осигура дека е донесена вистинската одлука за прекин на бременоста, а тоа директно влијае на правото на телесен интегритет на секоја жена и девојка.

– Според гинеколозите периодот на чекање директно влијае врз здравјето на жената и истото го загрозува, преку одлoжување на здравствената грижа, со што способноста на жената да пристапи до безбедни и легални усуги за абортус се доведуваат во прашање. Надлежните не можеа, а да не нè информираат дека законот предвидува поголема и посигурна заштина на жените при процесот на прекинување на бременост. Притоа не објаснија како тоа одложување на некоја медицинска услуга ќе донесе поголема заштита. Од друга страна пак, според Светската здравствена организација абортусот е една од најбезбедните медицински интервенции ако се изведуваат во соодветни здравствени установи и од обучен кадар. Овие стандарди во целост ги задоволуваат нашите болници и абортусот воопшто не претставува опасност по здравјето и животот на жената. Во Македонија во последните 30 години не е регистриран ниту еден смртен случај како резултат на извршен абортус во безбедни услови, се вели во соопштението на ХЕРА.

Младинската група на ХЕРА повика на поголема информираност на сите граѓани која има за цел уживање на личното право на одлучување и контрола на раѓањето, а со самото тоа и контрола над своите животи.

– Правото на легален и безбеден абортус помага во независноста на жените и нивните одлуки за сопствениот живот, без никакво ограничување. За тоа да се постигне, неопходно е сите, вклучувајќи ги и младите да имаат соодветни, научно потврдени и релевантни информации кои ќе ја подигнат свеста за нивното сексуално и репродуктивно здравје и права. Од друга страна, како што и гинеколозите велат, овие промени ќе ги погоди они најзагрозените, кои живеат во сиромаштија или се маргинализирани, затоа што за нив е пречка целиот тој административен пат и бариери за да се добие соодветната услуга.

– Оттука произлегува и потребата овој закон да биде променет и во него да бидат инкорпорирани сите принципи на легален и безбеден абортус, а пред се оние принципи кои што се однесуваат на унапредување на човековите права. Иако законот е донесен ние како млади активисти нема да прекинеме да ги информираме сите, вклучително и младите за важноста за пристап до легален и безбеден абортус и нивните права, а многу повеќе и за користењето на модерна контрацепција, која патем и не е на позитивна листа, велат од ХЕРА.