Хелсиншки: Во македонските кампови се останати неколку стотини бегалци

Во кампот во Гевгелија се останати стотина бегалци, додака на Табановце до крајот на седмицата официјалната бројка е 305 бегалци, а неофицијално има околу 200 бегалци, се наведува во редовниот неделен извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово.

Назад кон Грција од Гевгелија минатата недела се депортирани околу 330 бегалци, а во шаторот за прием пред кампот, секојдневно се носат помали или поголеми групи кои полицијата ги затекнува на нелегални патишта низ земјата. Меѓу нив има бегалци од различно потекло, односно од Пакистан, Авганистан, Сирија, Иран, Ирак, Индија, Бангладеш.

Поголем дел од шаторите од кампот во Куманово пак се тргнати бидејќи се планира изградба на спортско игралиште.

„Бегалците кои се останати во кампот (во Куманово) се во тешка психичка состојба, поради што им е потребна психолошка помош. Во кампот се останати оние лица кои немаат доволно пари за да заминат. Не постои никаква евиденција на бегалците кои се наоѓаат во кампот, кои си заминуваат, ниту на бегалци кои пристигнуваат од кампот од надвор“, стои во извештајот во кој се додава дека во моментот на затворање на границите на 7 април на Табановце имало околу 1500 бегалци.

Хелсиншки забележува дека во текот на оваа седмица, регистрирани се само 3 кривично правни настани поврзани со нерегуларната миграција. Два случаи се регистрирани на автопатот Гевгелија- Скопје и во двата се фатени осомничените криумчари. Вкупно 86 мигранти беа регистрирани како жртви на криумчарите, кои се со потекло од разни земји односно, Авганистан, Ирак, Конго, Иран, Пакистан, Сирија.