Хелсиншки: Сува храна и нехигиена во пограничните бегалски кампови

Проблемите со недоволна и лоша храна кај бегалците во пограничните кампови, но и лоши хигиенски услови во Табановце, се повторуваат и во последниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово Халсиншкиот комитет.

Хигиената во кампот на Табановце е на алармантно ниво, а шаторите не се чистат редовно. Бегалците се жалат дека храната е еднолична и најчесто конзервирана, како и дека нема доволен број оброци за поголема бројка на бегалци. Ваквата состојба, соопштија од Хелсиншки, е посочена и забележана од страна на раководителот на ЦУК, па се прават обиди да се подобри состојбата.

Во Гевгелија пак храната се дели од кујна, а невладини организации делат овошје и слатки. Хелсиншки нотира дека по поплаките, има подобрување кај храната, како и дека е воведен нов систем на делење храна при што секој од бегалците добива картон на кој се става печат со секој земен оброк.

Во кампот во Гевгелија се присутни околу 135 бегалци. Бројката на бегалци во Табановце секојдневно се намалува и неофицијално изнесува помалку од 900 лица.

„Голем број на семејства и поединци, секојдневно „исчезнуваат“ од кампот. Според некои наводи, тие сами бегаат од кампот и се упатуваат кон Србија по илегални патишта, при што се фатени од полицијата. Така на пример, на април група од околу 27 луѓе од Авганистан беа фатени од полицијата во селото Сопот. Според нивните кажувања, тие немале намера да бегаат, туку привремено да се тргнат од лошите нехигиенски услови во кампот, а потоа да се вратат. Групата  беше задржана на местото каде ги пронашла полицијата, а каде што е поставен полициски пункт. Не е познато како понатаму се постапи со нив“, се додава во извештајот.

Од Хелсиншки потсетуваат и на случајот во неделата, кога група од 100-тина бегалци и мигранти од кампот во Идомени организирано се обидоа да ја преминат македонската граница. Наводно, тие биле известени дека границите ќе се отворат. Македонската полиција ги извести дека тоа нема да се случи и ги предупреди да не преземаат насилни обиди.

„И покрај тоа, бегалците започнаа да фрлаат со камења кон полициските службеници. Одделни групи се обидуваа да ја исечат оградата. Полицијата употреби солзавец и шок-бомби, со цел да ги спречи групите да ја преминат границата. Помала група од 20тина бегалци успеа да ја премине границата, но за брзо време беше фатена и вратена на грчка територија. Тензиите се смирија дури во вечерните часови“, пишува во извештајот на Хелсиншки.