Хелсиншки: Притворот за Моника Ристовска не е неопходен

Хелсиншкиот комитет за човекови права упати своја реакција за случајот со преведувањето на активистката Моника Ристовска, позната како Моника Конопова, која се залага за легализација на канабисот.

Според Комитетот, мерката од 30-дневен притвор „не е неопходен за водење на кривичната постапка и препорачува други видови на мерки на претпазливост заради обезбедување на присуство во постапката за сторено кривично дело ,,Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекусори’’ – според член 215 од Кривичниот Законик“.

Хелсиншкиот комитет, како и во многу наврати претходно, препорачува мерката притвор да се користи како мерка на претпазливост во исклучителни случаи, а не како репресивен механизам.

„Во оваа прилика потсетуваме и на неприфатливата селективност при одредување мерка притвор од страна на надлежните органи, особено во случаи на корупција и организиран криминал.

Исто така, следејќи го светскиот тренд за декриминализација и легализација на употребата на канабисот, ја повикуваме Владата сериозно да ги земе предвид иницијативите за подготовка на нови законски решенија во оваа област“, велат од Хелсишки.

Вчера се одржа и протест пред Основното јавно обвинителство за поддршка на Моника, откако претходно полицијата вршеше претрес во нејзиниот дом. Таа беше притворена поради поседување 30 мл. масло од коноп и 15 грама коноп. Моника еднаш веќе беше приведена откако на јавно место пушеше џоинт.