Хелсиншки: Препознаени или можни 18 кривични дела извршени на 27 април

Хелсиншкиот комитет за човекови права од Скопје објави посебен извештај, кој се однесува на кривичните дела идентификувани преку фотографии, аудио-видео материјали и сведоштва, како и на кривичните дела за кои постојат сомненија, од 27 април, кога протестантите на „За заедничка Македонија“ насилно влегоа во Собранието.

„Министерството за внатрешни работи во координација со Основното јавно обвинителство Скопје идентификуваше дваесетина сторители на кривични дела. Дел од нив беа приведени, а за дел беше определен притвор, куќен притвор и други мерки на претпазливост. Засега, идентификуваните сторители се осомничени дека сториле три вида на кривични дела – Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, Учество во толпа што ќе изврши кривично дело и Предизвикување општа опасност“, наведено е во документот.

Извештајот се осврнува на повредите на права и слободи гарантирани со Уставот и санкционирани со Кривичниот законик. Текстот е наменет за информирање на јавноста, но и како алатка која на правосудните органи може да им послужи при носењето на одлуки поврзани со квалификацијата на кривичните дела и индивидуализација на кривичната одговорност при изрекувањето на казни од страна на суд. Извештајот содржи вкупно 28 кривични дела, од кои за 18 веќе постојат значителен број на докази и 10 кривични дела за кои постои сомнение дека се извршени.

Како што пишува Хелсиншкиот комитет, повредени се повеќе права и слободи загарантирани со Уставот на РМ.

Правото на живот е прекршено бидејќи полицијата, според Хелсиншкиот комитет, не успеала да ја исполни својата обврска да го заштити животот на нападнатите пратеници, а го нарушила и нивниот физички и морален интегритет, бидејќи била пасивна и свесно не ги извршувала своите овластувања.

Дел од пратениците повеќе од три часа биле противправно лишени од слобода, што е прекршување на правото на слобода.

„Организираниот напад беше насочен кон суспендирање на правото на новоизбраниот претседател на Собранието, но и на други пратеници“, пишува во извештајот, како објаснување како дошло до прекршување на правото на вршење на јавна функција. Протестантите не дозволиле ни навремен пристап на медицинските возила, а полизијата реагирала предоцна на повредите на пратениците и граѓаните, со што било прекршено и правото на здравствена заштита.

Хелсиншкиот комитет, дополнително, сторителите на кривични дела ги дели во четири различни категории.

Во првата категорија, организатори, се лица за кои постои сомнение дека нарачале, договарале, планирале или поттикнувале вршење на кривични дела. „Истрагата треба да ги опфати  организаторите на протестите „За заедничка Македонија“ за утврдување на можен статус на организатори во кривична смисла, како и политичката партија ВМРО ДПМНЕ за утврдување на можен статус на поттикнувачи“, наведува организацијата.

Потоа, тука се и извршителите – сите лица што во Собранието влегоа насилно и за кои постојат фотографии, аудио и видео записи, сведоштва или признанија дека сториле кривично дело.  директните напаѓачи и лица што овозможиле, помагале или прикривале кривични дела.

Сите полициски службеници што не применуваа полициски овластувања, помагаа, ги злоупотребија своите овластувања или положба и овозможија сторување на кривични дела, исто така се сметаат за сторители на прекршоци.

Четвртата категорија се претпоставените полициски службеници, односни сите во хиерархијата на Оперативниот штаб на МВР за кои постои сомнение дека издале незаконити наредби, или свесно се откажале од издавање на законити и задолжителни наредби.

Во извештајот, Комитетот напоменува и дека дошло до обид за убиство кон пратеникот Зијадин Села, а доказ за тоа се тешките телесни повреди, фото и видео материјали и како и сведоштва на нападнатите жртви пратеници. Доколку организаторите и извршителите на ваквиот напад се осудени, би требало да одлежат најмалку пет години затвор.

Споменати се и други кривични дела против животот и телото, како (тешка) телесна повреда, учество во тепачка, загрозување со опасно орудие, изложување на опасност и наукажување помош.

Дополнително, Хелскиншкиот комитет потенцира дека се извршени и кривични дела против државата.

Поради сомнението дека со употребата на сила и сериозна закана извршен е обид за изменување на уставниот поредок (владеење на малцинството наспроти мнозинството) или обид да се собори Собранието како еден од највисоките државни органи, потенцијално е извршено велепредавство.

Постојат сомненија и за насилство спрема претставници на највисоките државни органи, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста и саботажа – поради видео снимките на кои се гледа како пратеници свесно ја отвораат вратата на Собранието, комуницираат со организаторите или извршителите и ги насочуваат при нивното движење.

Сомнежи постојат и за извршување на различни дела против службената должност и против правосудството, како и кривични дела против јавниот ред.

Извештајот во интегрална верзија може да се пронајде на овој линк.