Хелсиншки: Мигрантите – жртви на нехуман третман и постапување

Мигрантите се жртви на нехуман третман и постапување, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права, еден ден по прогласувањето кризна состојба поради напливот на мигрантите и затворањето на границата за илегално поминување.

Нивната реакција ја пренесуваме во целост:

„Вчерашната одлука на Владата на Република Македонија за прогласување на кризна состојба е исклучително загрижувачка. Најавата за вклучување на АРМ без за тоа да се произнесе Претседателот Ѓорѓе Иванов како Врховен командант на вооружените сили, молкот на Собранието (кое мора да биде информирано) и Центарот за управување со кризи (повикан орган што ги направи проценките за прогласување на кризна состојба) ја доведуваат до прашање законитоста на мерката прогласување на кризна состојба.

Од објавените медиумски материјали, може да се увиди нехуманиот третман на бегалците од страна на специјалните полициски службеници кои употребиле мерки на присила, користејќи солзавец и шок бомби. Поради таа причина го повикуваме неуставно именуваниот министер за внатрешни работи г. Митко Чавков да одговори кој ги дал наредбите да бидат применети такви мерки на присила.

Потсетуваме дека овие луѓе бегаат од своите родни места, заради ужасните политички состојби во нивните земји, односно бегаат за да ги спасат своите животи и животите на нивните блиски. Нехуманото постапување од страна специјалните полициски службеници, но и ксенофобичниот говор и говорот на омраза кој се шири по социјалните мрежи, а го поттикнуваат некои јавни личности придонесува кон дополнително загрозување на животите на бегалците и надвор од нивните родни места – како што заклучи Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Според г-ѓа Мерсиха Смаиловиќ од НВО „Легис“, оние кои ја донеле одлуката за прогласување на кризна состојба никогаш не се појавиле на терен и го немаат потребниот увид за донесување на таква одлука. Попрецизно, никој од Центарот за управување со кризи не се појавил на граничните премини во Гевгелија и Табановце и не разговарал со активистите кои работат на терен. Значајно е да се напомене дека од страна на Република Македонија не се преземаат доволен број на мерки за справување со бегалската криза, односно по измените на Законот за азил, од страна на државата не е обезбедува скоро никакви олеснувања и грижа за бегалците.

Дополнително на линија на отсуство на хуманост, е тоа што од страна на полициските службеници не им е дозволен пристап на активистите до меѓузоната помеѓу Македонија и Грција, а со тоа бегалците се изложени на недостаток на храна и вода, а воедно е отежнат и пристапот на амбулантните возила. Органите на државата често пристапуваат кон враќање на бегалците во меѓузоната и со тоа ги изложуваат на нехумани услови за живот односно создаваат вештачки „логор“ за бегалците. Дел од активистите на „Легис“ посочуваат на дискриминацискиот однос на специјални полициски службеници кон бегалците, какво што било обраќањето на еден од нив на англиски јазик: „Вратете се во вашите муслимански држави, овде нема што да барате.“

Општиот заклучок на активистите е дека зголемените полициски контроли не се поставуваат заради општа безбедност, туку заради враќање на бегалците во меѓузоната, каде што нема никакви услови за живот, а и се зголемува опасноста од криумчарење, имајќи предвид дека е отежната контролата врз меѓузоната и со тоа се активирани алтернативните начини.

За крај, упатуваме јавен повик за солидарност со бегалците од страна на граѓаните, бидејќи само граѓаните учествуваат во обезбедување на некаква помош и овозможување на минимални услови за живот. Донациите за бегалците можете да ги доставите во просториите на Комитетот (ул. Наум Наумовски Борче бр. 83) и магацините на „Легис“ (ул. Чаирска бр. 48)“.

За денеска од МВР најавија дека на полициските службеници се очекува да им се приклучат и припадниците на Армијата на Република Македонија во обезбедување на границата со Грција. Оттаму велат и дека во земјава „се дозволува влез на лимитиран број на илегални мигранти од поранливите категории кои може да бидат згрижени и соодветно третирани согласно капацитетите на државата“.