Хелсиншки бара Инспекторатот да ги заштити текстилните работници поради жештините

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија упати јавен повик до надлежниот инспекторат за труд да излезе на терен и да преземе мерки за заштита на текстилните работници и работнички од високите температури.

„Имајќи предвид дека изминативе денови температурите во Македонија достигнуваат и до 40 степени целзиусови, работниците и работничките од текстилната, кожарската и чевларската индустрија се изложени на огромен ризик и опасност по нивното здравје. Состојбата во фабриките е алармантна и вработените започнуваат да колабрираат поради високите температури“, посочуваат од Хелсиншки.

Појаснуваат дека согласно Законот за безбедност и здравје при работа и Правилникот за начинот на изготвување на изјава за безбедност, нејзината содржина, како и податоците врз кои треба да се заснова процената на ризикот, работодавците имаат обврска веднаш да направат проценка на ризик за секое работно место одделно во услови на високи температури и да ги преземат мерки за заштита на здравјето на работниците. Додаваат и дека со Законот за инспекција на труд, во вршењето на работите на инспекцискиот надзор, инспекторот е овластен, во секое време на денот и ноќта, да влезе во просториите на работодавецот, без претходно најавување и без оглед на работното време на работодавецот.

„При проценка на ризик за секоја препозната, односно утврдена опасност или штетност на работното место и во работната средина, потребно е посебно внимание да се посвети на можното оштетување на здравјето на ранливите групи како што се жените, младите работници, старите работници и работниците кои работат на работни места со зголемен ризик или имаат посебни потреби (работници со хендикеп, работници со постоечки заболувања и сл). Опасностите и штетните влијанија, меѓу другото, можат да бидат препознаени и како штетни влијанија на микроклиматските фактори, висока температура, ниска температура, влажност, брзина на струење на воздухот“, стои во соопштението.