Гутереш од ОН: Ова е најголемата криза од Втората светска војна

Антонио Гутереш, генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), предупреди дека светот се соочува со најголемата криза од Втората светска војна, пандемија која е закана за луѓето во секоја земја и која ќе предизвика рецесија каква што немало во блиското минато.

Ова Гутереш го изјавува во време кога во САД бројката на починати ги надмина тие во Кина, а низ светот се регистрирани скоро 860.000 луѓе заразени со коронавирусот.

САД во вторникот објавија околу 800 смртни случаи – со што вкупната бројка достигна повеќе од 3.700 – додека Шпанија, Велика Британија и Франција објавија досега најголемо еднодневно зголемување на смртните случаи. Кина објавила 3.228 смртни случаи од КОВИД-19, болест предизвикана од вирусот, објави Алџазира.

Оттука, Гутереш посочува дека постои ризик комбинацијата од болеста и нејзиното влијание врз економијата да придонесе на „нестабилност, поголеми немири и конфликти“.

Тој повика на посилен и поефикасен глобален одговор на пандемијата и нејзините социјални и економски последици, наведувајќи дека „човештвото е во прашање“.

Гутереш најави формирање Фонд за одговор и опоравување од коронавирусот за поддршка на земјите со среден и низок БДП, со цел на тие влади да им се овозможи брзо да се изборат со кризата и да застанат на нозе.