[Ѓурѓа] Фактотум – Чарлс Буковски

Фактотум е роман во кој авторот Чарлс Буковски ни открива еден период од сопственото животно искуство кога е исфрлен од својот дом и кога станал скитник кој бесцелно талка низ Америка – од едно место на друго, барајќи работа за да може да преживее. Сето тоа е надополнето со многу жени, деноноќно пиење и водење љубов.

Чарлс Буковски

Тој на мошне духовит начин ја опишува огорченоста кон американскиот стил на живеење и апсурдноста на својата егзистенција. Сепак, главната тема овде е неговата голема љубов Џен, која тој никогаш не ја заборавил.

Буковски е автор кој го пишува она што повеќето луѓе го мислат, го чувствуваат и го доживуваат, и сето тоа добро го спакувал во една неверојатно мешавина од иронија и хумор. Тој пишува за да ја преживее светлоста на секој нов ден, а на ноќта да и даде смисла за да создаде исполнет човек.

Чарлс Буковски е едно од најголемите имиња на американската проза и поезија на 20 век. Напишал повеќе од  50 книги и безброј помали текстови. Неговиот стил имал влијание врз современите автори, па затоа честопати е имитиран. Во основа, неговите дела се автобиографски, а темите се поврзани со маките и страдањата на обичниот човек.

Има богат опус на поеми, кратки раскази и новели. Ќе остане запаметен по својот експлицитен, но понекогаш дури и претерано вулгарен книжевен израз. Своите дела ги објавувал во литературните спицанија, а светска слава доживеал со романот Жени. Негови дела се: Холивуд, Фактотум, Блудниот син, Палп, Љубов и лудило во Лос Анџелес и многу други.