Гугл критикуван поради расистички резултати од пребарувањата

При внесување на зборовите „дали се случил Холокаустот“ во интернет пребарувачот на Гугл, најпрво се појавуваат резултати дека такво нешто не се случило. На овој начин почнува текстот пред три дена на новинарката на Гардијан, Карол Кадвалдр.

Интернет гигантот се најде под жестоки критики поради рангирањето на резултатите од пребарувањата на нивната платформа на темите како што се Холокаустот или етничките малцинства.

Сега рангирањето на резултатите од пребарувањето се променети за американските корисници, но страната на расистичкиот сајт Стормфронт останува највисоко во резултатите во останатиот дел на светот.

„Ова е навистина тежок проблем и длабоко размислуваме за начините како можеме да работиме подобро. Пребарувањето е одраз на содржините кои постојат на интернет. Фактот дека страници со омраза можат да се појават во резултатите на пребарувањето никако не подразбира дека Гугл ги поддржува ваквите гледишта“, изјавил гласноговорникот на Гугл.

Кадвалдр ги обвини Гугл за ширење на говор на омраза. Други контроверзни резултати од пребарувањата кои таа ги објавува ги вклучува и прашањата „дали се жените злобни?“ и „дали се муслиманите лоши?“.

ББЦ објавува дека постојат и дополнителни пребарувања кои даваат спорни одговори. Како на пример пребарувањето за „дали црнците се паметни?“ резултира во посебен дел на врвот на резултатите во кој пишува дека „црнците се значително помалку интелигентни од сите други раси“.

Дени Саливан, главниот уредник на информативниот сајт „Search Engine Land“ верува дека ова се случува бидејќи надворешни фактори се обидуваат да влијаат врз распоредот на резултатите. Тој остварил средба со директорите и инженерите од Гугл минатата недела за да дискутираат на оваа тема.

„Разочаран сум и потресен од резултатите, како и многу други луѓе“, рекол тој за ББЦ.

Сепак тој додал дека Гугл, кој процесира пет милијарди пребарувања секојдневно биле одлучни да пронајдат решение кое би било применливо за сите пребарувања, отколку само оние кои се забележани од корисниците.

„Многу лесно е да направите пребарување и да побарате од Гугл да промени нешто и подоцна, следниот ден, да најдете ново пребарување и да речете – зошто не го поправиле тоа?“, објаснува тој.

Саливен вели дека многу почесто корисниците при пребарувањето користат кратки поими, како „Холокауст“, отколку „дали Холокаустот се случил?“ и дека токму прашалната фраза влијае на рангирањето на резултатите. Тој додал дека Бинг, пребарувачот на Мајкрософт, подобро се справува со овие пребарувања, иако „не се имуни“ на проблемот.

„Изгледа дека повеќе ја ценат Википедија отколку што тоа го прави Гугл“, изјавил.

Некои од стравувањата за влијанието на перцепцијата и верувањата на луѓето од резултатите на Гугл пребарувањата доаѓаат од истражување кое покажува дека младите особено, имаат голема доверба во сајтот.

Студија на Офком минатиот месец покажала дека бројот на 12 до 15 годишни млади кои на Гугл бараат „точни и вистинити информации за работите кои се случуваат во светот“ се искачил на 30% оваа година, за разлика од 17% лани.

Повеќе од четвртина од младите на возраст помеѓу 8 и 15 години кои биле анкетирани веруваат дека може да им се верува на информациите кои ги прикажува Гугл.

Според професорот Марк Грахам од Институтот за интернет на Оксфорд, важно е да се напомене дека не постои нешто такво како „неутрален“ или „непристрасен“ алгоритам.

„За некои прашања не постои точен одговор. Но апсолутно, за ова прашање Гугл треба да се соочи со критика бидејќи окупираат позиција на неизмерна моќ и располагаат со огромна количина од светските дигитални информации“, објаснил тој.

Во врска со справувањето со ширењето на говорот на омраза, Грахам потенцира дека многу земји во светот имаат водичи околу тоа што е, а што не е прифатливо. Водичи кои Гугл може да ги прифати без да треба да ги градат од нула.