Груевски најави бесплатен јавен превоз за студентите од 1 јануари

Премиерот Никола Груевски денеска најави бесплатен превоз за студентите во сите градови во кои има организиран јавен превоз, како и „бесплатна среда“ за средношколците, во која тие, покрај во јавниот превоз, ќе можат бесплатно да влезат и во кината, театрите и другите културни институции.

„Започнувајќи од 1 јануари 2016 година, и со цел грижа за повисок студентски стандард, на сите редовни студенти на државните универзитети ќе им биде овозможен бесплатен превоз во јавниот градски сообраќај, односно во јавниот автобуски превоз во Скопје и во другите градови каде што има организиран јавен автобуски превоз. Сите редовни студенти од државните универзитети ќе можат да користат бесплатен јавен градски превоз секој ден во неделата, на сите линии. Со оваа мерка е предвидено на сите редовни студенти од државните универзитети да им се доделат картички од ЈСП Скопје и другите јавни претпријатија во градовите каде што има јавен автобуски превоз, со цел да можат бесплатно да ја користат услугата на јавните сообраќајни претпријатија. Владата со цел да се имплементира оваа мерка ќе исплаќа трансфери на средства кон соодветните единици на локална самоуправа“, рече Груевски во денешниот говор.