Грета Тунберг до лидерите на ЕУ: Климатските промени се итен случај

Шведската активистка за борба против климатските промени Грета Тунберг апелираше до лидерите на Европската унија итно да ги преземат потребните мерки по ова прашање и посочи дека луѓето во чии раце практично се наоѓа власта, се откажале од можноста да им дадат пристојна иднина на идните генерации.

Во отвореното писмо потпишано од илјадници луѓе, меѓу кои и климатолози, економисти, актери и други активисти, 17-годишната Тунберг ги повика земјите од ЕУ да започнат да им пристапуваат на прашањата поврзани со климатските промени и колапсот на животната средина како „итен случај“.

Писмото е објавено пред утрешниот самит на Европскиот совет, на кој членките на ЕУ ќе се обидат да постигнат договор за новиот буџет на Унијата и финансискиот пакет за закрепнување од економскиот шок предизвикан од пандемијата на коронавирус.

Меѓу наведените барања е итно запирање на сите инвестиции во истражувањето на наоѓалиштата на фосилни горива и нивна експлоатација, како и брзо укинување на сите субвенции за индустријата за фосилни горива.

Потписниците исто така се залагаат за воведување на годишни граници за емисија на стакленички гасови за, колку што е можно, да ја исполнат целта на климатскиот договор од 2015 година потпишан во Париз, што предвидува ограничување на глобалното годишно покачување на температурата на 1,5 Целзиусови степени.

Во писмото се повикува и климатската политика да биде дизајнирана така што ќе ги заштити работниците и најранливите делови на населението, односно да се намали економската, расната и родовата нееднаквост, а учесниците во иницијативата бараат да се преземат чекори за зачувување и заштита на демократијата.