Грција ги легализираше истополовите цивилни партнерства

Грчкиот парламент одобри закон со кој им се овозможува правото на истополовите двојки да склопат цивилно партнерство, пренесе ABC. Со ова земјата стана една од последните европски земји која прави легално препознавање на истополовите врски, по години опозиција од влијателната православна црква.

Повеќе земји на ЕУ вклучувајќи ги Британија, Франција и Шпанија веќе ги легализираа геј браковите, но некои јужни и источни земји прават спор напредок.

Новиот грчки закон ги решава имотните односи и регулацијата за наследство но не опфаќа посвојување на деца.

„Ова е важен ден за човековите права. Наместо да го славиме ова, можеби треба да им се извиниме на илјадници наши граѓани“, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас, пренесе Екатимерини. Според Ципрас, законот ќе направи крај на еден период на одење назад и срам за земјата.

Ципрас потенцираше дека одобрувањето на цивилните партнерства кое беше целосно оспорувано од многу грчки владици, покажува дека „грчкото општество не е плашливо или злобно како што некои сакаат да го претстават“, пишува грчкиот весник.

Законот беше поддржан од 193 пратеници од 249 присутни, со 56 гласа против. Амнести Интернашнл го прогласи чекорот за историски, но потенцираше дека се уште постојат проблеми за ЛГБТ лицата кои живеат во Грција.

Извор: ABC, Екатимерини