Граѓанските организации најчесто користат „Фејсбук“ за да се обратат до јавноста

Граѓанските организации не ги сметаат односите со јавност за неопходни. Не гледаат корист од човек за односи со јавност во својот тим. Само 22% од испитаниците имаат предвидено такво лице. Оваа бројка е мошне мала. Може да е една од причините зошто важни информации од граѓанскиот сектор не стигнуваат до медиумите и јавноста. Истовремено, Фејсбук е најкористена алатка меѓу граѓанскиот сектор. Најчесто, 2-3 пати неделно се ажурираат страните, а дел организации тоа го прават секој ден“, вели Моника Аксентиевска од Институтот за комуникации (ИКС).

Институтот направи анализа „Поврзување на граѓаните: дигитални комуникации во граѓанскиот сектор во Македонија“. Целта е невладиниот сектор да ја препознава важноста за дигиталните комуникации. Подобро да се разберат и им пренесат пораки на целните публики, но и да има поефективна комуникација со медиумите. Соопштенијата да бидат разбирливи, јасни и да не поминуваат незабележливо, „под радар“.

Според истражувањето, Аксентиевска посочува дека повеќе од половина, 58% од организациите имаат стратегија за односи со јавност или комуникација со целните публики, иако немаат луѓе што ја спроведуваат.

„Знаеме дека голем дел, 86% ја прават стратегијата во рамки на одредни проекти. Се наметнува прашањето – колку тие документи се спроведуваат во пракса? Дали се прават само да се задоволат донаторите, или навистина се спроведуваат?“, рече Аксентиевска.

Една третина се согласиле дека немаат доволно средства за односи со јавност, а недостасува и едукација и тренинг. Во однос на Фејсбук-комуникацијата, најчесто објавувани содржини се оние кои промовираат настан, конкурси, резултати од проект и сл.

„Има тренд за еднонасочна, наместо интерактивна комуникација меѓу организации и целни публики. Она што е важно за организацијата, не значи дека е исто толку важно и за граѓаните. Понатаму, дури половина од организациите никогаш не објавиле спонзорирана содржина на Фејсбук, со што се губи можноста со малку средства да се стигне до поширока публика“, нагласи Аксентиевска.

Жанета Трајкоска од Институт за комуникациски студии вели дека со истражувањето не ги анализирале навиките на новинарите, туку се обиделе да видат како комуницираат невладините организации. Со тоа, да се подобри досегашната пракса. Ако е ефективна – да се реплицира низ граѓанскиот сектор.

„Како што велат дел од колегите новинари, тие имаат проблем кога комуницираат невладините организации, или нема лице за редовен контакт, или информацијата што ни ја даваат е неупотреблива за медиумите. Односно, нема јасна порака, не се знае што точно се кажува, се употребуваат зборови на ‘НГО јазик’ и никој не ги разбираа освен мала група луѓе. Организациите се поимаат како ‘секта’ со посебни ‘знаци’ за комуникација, дека сами за себе си репродуцираат производи или истражувања кои немаат влијание во општеството итн“, вели Трајкоска.

Од друга страна, нагласува, нашето новинарство има многу мани. Меѓу нив е и „Фејсбук-новинарството“. Или т.н. „новинарство од пижами“. Станува наутро новинарот, отвора Фејбук, зема кој што рекол и потоа, вели таа, објавува на портал.

„Од тоа создава ‘приказна’. Ова не е само проблем на Македонија, туку и генерален, но сепак е проблем. Ако ние ги професионализираме изворите на комуницирање, тогаш можеби ќе ги натераме новинарите да имаат подобар начин на комуникација, или подобар производ во приказната. Да може да го намалиме тој ‘недостаток’, или она што на новинарите им треба. Новинарите да имаат помалку оправдување зошто не известуваат за настаните на организациите. Истовремено, организациите да имаат средено и разбирливо соопштение за медиумите, бидејќи во редакции често недостасуваат новинари, а работат со повеќе информации. Дел немаат време за дневно новинарство, или да се јавуваат по шест пати до организациите: ‘Што сакавте да кажете со соопштението?’. Ќе го пуштат како што го пуштиле организациите, па нема ефект во јавност“, забележува Трајкоска.

Лејла Шабан од ИКС нагласи дека со подобрување на комуникацијата со невладиниот сектор со јавноста, ќе се зголеми и соработката со граѓаните. Таа објасни дека по истражувањето, во рамки на проектот „ДигиАКТ“, ќе биде изработен Прирачник за дигитални комуникации. Ќе бидат организирани обуки за 16 организации.

Меѓу нив се Националниот младински совет на Македонија, Младински образовен форум, КХАМ Делчево, Македонско здружение на млади правници, Црвен крст на Град Скопје, Минус и плус,  Центар за социјални иницијативи „Надеж“, Асоцијација „Мисла“, Рурална коалиција, Гоу Грин, Асоцијација на занаетчии, Македонско здружение на медицински уредници, Совет на етика во медиумите во Македонија,  Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“,  Центар за економски анализи и Институт за европска политика.

Бојан Шашевски