Граѓанските организации бараат помош од државата во борбата против ХИВ

Македонија сѐ уште е земја со ниска стапка на ХИВ-инфекција, благодарение на националната превентивна програма, поддржана од Глобалниот фонд и партнерството помеѓу Министерството за здравство, јавни установи и граѓанскиот сектор кое се остварува во минативе 12 години.

Но, граѓанските организации кои ја сочинуваат Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ нагласуваат дека по завршувањето на меѓународната поддршка во 2016 година, оваа развиена инфраструктура, со обучени човечки ресурси за раководење и нудење на директни услуги за превенција, ќе биде поставена под прашање.

Обезбедувањето на лекови е една првите мерки кои државата од Глобалниот Фонд ги интегрираше во својот здравствен буџет во 2011 година. Но, иако Министерството за здравство ги зголеми средствата за терапија помеѓу 2011 и 2014, најголем дел од нив сѐ уште не се регистрирани во Република Македонија.

„Во изминатите два месеца за една пратка од набавката на антиретровирусни лекови Агенцијата за лекови констатираше дека производите не ги задоволувале стандардите за квалитет. Добивме информации дека Клиниката за инфективни болести бара начин итно да ги обезбеди и дека лековите се очекуваат до крајот на оваа недела. Стравуваме дека може да дојде до истрошување на залихите од тие лекови кои се уште не се обезбедени“, посочуваат од Платформата.

Тие  инсистираат да се преземат конкретни мерки од Владата и Министерството за здравство за обезбедување на средства за програмите кои досега финансиски ги поддржуваше Глобалниот Фонд по декември 2016. Дури осум од граѓанските организации се целосно финансиски зависни од средствата на Глобалниот фонд и постои опасност тие да престанат со работа.

Платформата бара сите надлежни институции да ги извршуваат своите обврски максимално експедитивн оза да не дозволат ситуација напрекин на терапијата. Исто така, Платформата бара државата да преземе проактивни мерки со кои ќе создаде услови и ќе ги поттикне компаниите да ги регистрираат сите неопходни антиретровирусни лекови, со цел да се обезбеди целосно решение.